„Fiat“ ја запре продажбата на моделите „500e“ во Австралија, а сè погласни се шпекулациите за повлекување од тој пазар.
„Fiat“ го запре увозот на електричните модели „500e“ и „Abarth 500e“ во Австралија, што дополнително ги поттикна шпекулациите дека овој бренд на „Stellantis“ би можел целосно да го напушти тој пазар.
Со тоа, во понудата останаа само доставните модели „Scudo“ и „Ducato“.

Електричниот „Fiat 500e“ од самиот почеток имаше проблем со високата цена. При лансирањето чинеше од 52.500 австралиски долари (околу 32.200 евра), додека „Abarth 500e“ започнуваше од речиси 59.000 австралиски долари (околу 36.250 евра).
Иако „Fiat“ подоцна ги намали цените за повеќе од 20.000 австралиски долари (12.300 евра), интересот на купувачите не се зголеми значително, пишува „CarScoops“.
Продажните резултати најдобро ги покажуваат размерите на проблемот. Од почетокот на годината „Fiat“ во Австралија продал само 144 возила, а само 13 во текот на јуни.
Тоа е помалку од бројот на возила што во истиот месец ги продале „Ferrari“ (16) и „Lamborghini“ (18).

„Stellantis“ порача дека останува посветен на австралискиот пазар, но потврдува дека во моментов не планира нови испораки на моделите „500e“ и „Abarth 500e“, додека ја разгледува идната стратегија за овој бренд.
Проблемите не го погодија само „Fiat“. И „Peugeot“, исто така дел од „Stellantis“, бележи голем пад на продажбата во Австралија, што покажува колку им е тешко на европските производители да им парираат на сè побројните и ценовно поконкурентни кинески автомобили.





