„Aston Martin“ во текот на својата историја банкротирал дури седум пати, а сега повторно се соочи со сериозни финансиски проблеми.
Сепак, британскиот производител на луксузни спортски автомобили успеа да обезбеди 550 милиони фунти (околу 735 милиони долари) ново финансирање, што треба да придонесе за стабилизирање на работењето, пишува „CarScoops“.

Пакетот за финансирање го предводи „HPS Investment Partners“, а вклучува кредит од 450 милиони фунти, како и дополнителни 100 милиони фунти, кои ќе ѝ бидат достапни на компанијата доколку се појави потреба.
Дел од средствата ќе бидат искористени за отплата на постојните долгови и зајакнување на ликвидноста. Финансискиот директор на компанијата, Даг Лаферти, изјави дека новото финансирање ќе му овозможи на „Aston Martin“ поголема финансиска стабилност и флексибилност за развој на идните модели.

Кинезите го демнат „Aston Martin“
Компанијата очекува подобри финансиски резултати, поголем паричен тек и раст на профитните маржи, благодарение на унапредената понуда на сериски и специјални модели.
Во меѓувреме, сè погласни се шпекулациите дека кинескиот „Geely“ би можел дополнително да го зголеми своето влијание или дури целосно да го преземе „Aston Martin“.

„Geely“ веќе ги поседува брендовите „Lotus“ и „London Electric Vehicle Company“, додека пазарната вредност на „Aston Martin“ во последните неколку години драстично се намалила – од околу 4,3 милијарди фунти на приближно една десетина од таа вредност, што ја прави компанијата значително подостапна за потенцијалните инвеститори.









