„Формула 1“ добива нов безбедносен автомобил: Под хаубата се кријат моќни 612 коњски сили

Точка

29/07/2026

22:46

226

Големина на фонт

а а а

Германската компанија одбележува 30 години грижа за безбедноста на трките во „Формула 1“ со воведувањето на моделот „GT 63 PRO 4MATIC+“ како нов официјален безбедносен автомобил.

„Mercedes-AMG“ годинава одбележува 30 години присуство на своите безбедносни возила во Светскиот шампионат во „Формула 1“. Марката со трикраката ѕвезда од 1996 година ги обезбедува официјалните возила за интервенција на патеката, вклучувајќи го безбедносниот автомобил („Safety Car“), кој ги предводи болидите во случај на лоши временски услови или инциденти, како и медицинскиот автомобил („Medical Car“), наменет за брзо пристигнување на местото на несреќата.


Технички понапреден

Во рамките на оваа јубилејна сезона, како нов официјално лиценциран безбедносен автомобил на „FIA“ за „Формула 1“ дебитираше моделот „Mercedes-AMG GT 63 PRO 4MATIC+“, почнувајќи од Големата награда на Унгарија, која се одржа изминатиот викенд. На оваа должност моделот го наследува „Mercedes-AMG GT Black Series“, кој се користеше како безбедносен автомобил од 2022 година, и станува вкупно 14-ти модел на „Mercedes-AMG“ во оваа улога.

Новиот безбедносен автомобил го придвижува 4,0-литарски „V8 biturbo“ мотор, кој развива моќност од 450 kW (612 КС) и максимален вртежен момент од 850 Nm. За првпат во историјата на официјалните безбедносни возила во „Формула 1“ е вграден целосно променлив погон на сите тркала „AMG Performance 4MATIC+“, приспособен за оптимално прилепување на суви и влажни услови на патеката. Зад воланот и понатаму, секако, се наоѓа поранешниот возач во „DTM“, Бернд Мајлендер.


Редизајнирана аеродинамика

Моделот се одликува и со редизајниран аеродинамичен пакет во споредба со својот претходник. Промените на каросеријата опфаќаат понагласен преден разделник на воздухот („splitter“) и дополнителни аеродинамични крилца на предниот дел. Овие измени обезбедуваат подобра стабилност и управливост при големи брзини на тркачката патека. Пакетот функционални подобрувања вклучува активно задно крило и модифицирани панели на подвозјето, со што е постигнат поефикасен проток на воздух под автомобилот.

Меѓу другото, променет е и распоредот на светлосните сигнали. Наместо поставување масивен систем од светла на покривот, новиот модел ги интегрира „LED“ светлата и камерите директно во активното задно крило и аеродинамичните елементи. Покрај тоа, моделот е опремен со „LED“ трепкачки светла, интегрирани во предниот браник, како и во предните и задните светлосни склопови.


Покрај безбедносниот автомобил, на патеките е присутен и „Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+“ како официјален медицински автомобил на „FIA“ за „Формула 1“, кој се користи од сезоната 2022. Придвижуван од 4,0-литарски „V8 biturbo“ мотор со моќност од 470 kW (639 КС), овој медицински автомобил забрзува од 0 до 100 km/h за 3,2 секунди и достигнува максимална брзина од 315 km/h, што го прави најбрзиот медицински автомобил во историјата на „Формула 1“.