Шефот на „Honda“ без влакна на јазикот: ЕУ има фетиш на електричните автомобили што нема никаква смисла

Точка

28/07/2026

07:51

647

Големина на фонт

а а а

Првиот човек на европската дивизија на „Honda“, Ханс де Јегер, го критикуваше актуелниот пристап на Европската Унија кон електрификацијата, тврдејќи дека преголемото потпирање на електричните автомобили создава проблеми и за производителите и за купувачите.

Според зборовите на Ханс де Јегер, ЕУ практично турка само една насока – целосна електрификација – наместо да остави простор и за други решенија, како што се хибридите, плаг-ин хибридите и алтернативните горива.

„Европскиот возен парк станува сè постар. Некогаш просечната старост на автомобилите беше осум или девет години, а денес веќе достигнува двоцифрени бројки“, изјави де Јегер, додавајќи дека поширокиот избор на технологии би помогнал за побрзо обновување на возниот парк.


Тој смета дека намалувањето на емисиите на CO2 не е спорно, но дека производителите треба да имаат повеќе можности за да ја постигнат таа цел. Според него, актуелните правила во пракса ги прават електричните автомобили речиси единственото дозволено решение.

„Не ме сфаќајте погрешно, мора да ги намалиме емисиите на CO2. Во тоа нема никаква дилема и не постои производител на автомобили што би бил против тоа. Но, ајде да го направиме тоа на начин што ќе биде побрз од она што го имаме денес“, рече де Јегер.


На прашањето дали тоа би можело да се постигне со масовни субвенции за електрични возила и дополнително оданочување на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, како што е случајот во Норвешка, која речиси целосно премина на електрични автомобили, де Јегер беше дециден.

„Тоа не е природен пат. Норвешка има голема предност бидејќи најголемиот дел од електричната енергија го произведува од обновливи извори, пред сè од хидроелектрани, но и затоа што остварува значителни приходи од производството на нафта, кои може да ги инвестира во поддршка на електричните автомобили.“


Во последните години Европската Унија силно ја насочи автомобилската индустрија кон електрификација, а забраната за продажба на нови автомобили со класични мотори од 2035 година дополнително го забрза тој процес. Сепак, шефот на „Honda“ смета дека климатските цели би можеле да се постигнат и со поширок избор на погонски технологии.