Што значи „BMW“?

Точка

15/07/2026

13:54

861

Големина на фонт

а а а

Логото на „BMW“ е еден од најпрепознатливите симболи во автомобилската индустрија, а неговата историја датира повеќе од еден век.

Почетоците и создавањето на логото

„BMW“, што е кратенка од „Bayerische Motoren Werke“ (Баварски фабрики за мотори), е основана во 1917 година, кога компанијата „Rapp Motorenwerke“, производител на авионски мотори со седиште во Минхен, беше преименувана.

Првото лого на „BMW“ е регистрирано на 5 октомври 1917 година. Тоа го задржало кружниот облик на претходното лого на „Rapp“, со црн прстен на кој со златни букви бил испишан натписот „BMW“.


Внатрешниот круг бил поделен на четири полиња во сина и бела боја, кои се боите на баварското знаме. Поради тогашните законски ограничувања, боите биле прикажани во обратен редослед, за да се избегне прекршување на законите за користење на државните симболи во комерцијални цели.


Митот за пропелерот

Често се верува дека логото на „BMW“ претставува стилизиран пропелер на авион.

Ова уверување потекнува од реклама од 1929 година, во која логото било прикажано во ротирачки пропелер, со цел да се промовираат авионските мотори на „BMW“, произведувани по лиценца од „Pratt & Whitney“.

Ова толкување дополнително било зацврстено со текст објавен во 1942 година во публикацијата на компанијата „Flugmotoren-Nachrichten“, каде што логото повторно било претставено како пропелер.

Сепак, оригиналниот дизајн никогаш немал такво значење – сините и белите полиња едноставно ги претставувале боите на Баварија.


Еволуцијата на логото низ историјата

Во текот на децениите, логото на „BMW“ претрпе неколку суптилни промени:

• 1933 година – логото доби подебел црн прстен, а буквите „BMW“ станаа поистакнати.

• 1953 година – дизајнот беше поедноставен, со потенки букви и посуптилен црн прстен.

• 1963 година – логото беше модернизирано со почисти линии и нов фонт, но ги задржа препознатливите бои и форма.

• 1997 година – беше воведен тродимензионален ефект, кој му даде посовремен изглед.

• 2020 година – „BMW“ претстави нова верзија на логото со рамен дизајн и проѕирен прстен, со цел подобро да се приспособи на дигиталната ера.

Покрај логото, „BMW“ стана препознатлив и по трите бои на својата спортска дивизија „M“.

Светлосината, темносината (односно виолетовата) и црвената лента денес се синоним за високи перформанси и ги красат бројни автомобили и мотоцикли на брендот.


„Bimmer“ или „Beemer“?

Со текот на годините, „BMW“ собра армија од страсни обожаватели ширум светот, а заедно со нив се разви и уникатна субкултура со сопствен речник.

Еден од најпознатите прекари е „Bimmer“, кој меѓу ентузијастите најчесто се користи за автомобилите на „BMW“.

Од друга страна, „Beemer“ или „Beamer“ традиционално се поврзуваат со мотоциклите на „BMW“.

Оваа разлика се развила меѓу љубителите на брендот за јасно да се разликуваат автомобилите од мотоциклите, иако во секојдневниот говор овие називи често се мешаат.

Овие прекари потекнуваат од американската и британската автомобилска сцена во текот на 1970-тите години, кога популарноста на „BMW“ значително пораснала меѓу љубителите на возењето и мотоспортот.

Употребата на називот „Bimmer“ за автомобилите дополнително ја популаризирал магазинот на Американскиот клуб на „BMW“, па денес овој израз е општоприфатен меѓу љубителите на брендот.