Популарната емисија се враќа на 4 септември со тројца нови водители и многу автомобили.
По заминувањето на Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј, кои се простија од „The Grand Tour“ во 2024 година, популарната автомобилска емисија добива целосно нова водителска постава. Нивните места ги презедоа Френсис Буржоа, Џејмс Енгелсман и Томас Холанд, а „Amazon“ сега го објави првиот вистински трејлер за новата сезона, која пристигнува на 4 септември.
Евтини автомобили и проблеми на патот
Иако трејлерот е составен од низа кратки сцени и не открива премногу контекст, се чини дека тројцата ќе се испробаат во предизвик со евтини половни автомобили. Меѓу нив се стар „BMW M3 Cabrio“, „Porsche 911“ и еден спортски компакт. Како што може да се очекува од ваков формат, многу брзо се појавуваат проблеми.
Трејлерот прикажува и неколку значително помодерни и поегзотични автомобили. Водителите во Калифорнија ќе ги тестираат „Chevrolet Corvette ZR1“, „Ford Mustang GTD“ и „Hennessey Venom F5“.
Се појавува и еден „Pagani“, но и поранешниот светски шампион во Формула 1, Џенсон Батон.
„Tesla“ лета низ воздух
Но, автомобилите нема да бидат единствениот дел од емисијата. Во трејлерот се гледа како водителите се забавуваат со чамци и се обидуваат да состават училиштен автобус поделен на неколку делови. Не недостигаат ниту незгоди, а во еден момент може да се види како „Tesla“ лета низ воздух.
„Amazon“ претходно најави дека новата водителска постава ќе се обиде да одговори на некои од „најважните, но и урнебесно апсурдни прашања од автомобилскиот свет“, патувајќи низ некои од најпредизвикувачките терени во светот.
Тоа ќе вклучува истражување на автомобилската култура во Малезија, но и предизвици во кои ќе учествуваат пилоти на борбени авиони, па дури и правниот систем на една држава.

Новата сезона има шест епизоди
Новата сезона ќе има шест епизоди. Објавениот трејлер го дава првиот поконкретен увид во тоа како ќе изгледа „The Grand Tour“ со целосно новата водителска постава.
Најголемиот предизвик за новата верзија на емисијата веројатно нема да бидат автомобилите, локациите или спектакуларните предизвици, туку односот меѓу новите водители. Кларксон, Меј и Хамонд работеа заедно повеќе од дваесет години, па нивната меѓусебна хемија нема да биде едноставно да се повтори.
Сепак, двајца од новите водители веќе многу добро се познаваат. Џејмс Енгелсман и Томас Холанд заедно го водат популарниот автомобилски „YouTube“ канал „Throttle House“. Најголемата непознаница е 26-годишниот Френсис Буржоа. Тој е значително помлад од своите колеги, а на пошироката јавност ѝ стана познат првенствено како вљубеник во возови и автор на популарни видеоснимки на таа тема.
Дали новата тројка ќе успее да создаде сопствен идентитет и да ја продолжи традицијата на успех на една од најпознатите автомобилски емисии, гледачите ќе можат да проверат на 4 септември, кога „The Grand Tour“ се враќа на „Prime Video“.












