Точењето погрешно гориво е една од оние грешки што може да му се случат секому. Доволни се замор, брзање или само момент на невнимание, а последиците може да бидат од релативно безопасни до исклучително скапи.
Најчестата грешка е точење бензин во дизел-автомобил, а причината е едноставна: пиштолите за дизел на бензинските пумпи најчесто се пошироки од оние за бензин, па затоа е многу потешко да се направи спротивната грешка.
Ако веднаш сфатите што сте направиле, најважното правило е едноставно: не го стартувајте автомобилот и не давајте контакт.

Зошто бензинот е проблем за дизел-моторот?
Дизел-горивото, освен што служи за согорување, има и важна улога во подмачкувањето на одредени делови од системот за вбризгување. Бензинот ги нема истите својства за подмачкување, па неговото навлегување во дизел-системот може да предизвика проблеми со пумпата за висок притисок.
Ако моторот се стартува, мешавината од бензин и дизел почнува да циркулира низ системот. Пумпата може да почне да работи со недоволно подмачкување, што доведува до абење на металните површини и создавање ситни метални струготини.
Проблемот е што тие струготини понатаму може да стигнат до системот за вбризгување и да ги оштетат инјекторите. Кај современите дизел-мотори, поправката во таков случај може да биде исклучително скапа и да опфати замена или поправка на пумпата, инјекторите, цевките и други компоненти од системот за гориво.
Токму затоа е многу подобро проблемот да се реши пред автомобилот воопшто да ја напушти бензинската пумпа.
Што ако веќе сте наточиле бензин?
Ако сте ја забележале грешката додека сè уште точите гориво, веднаш прекинете. Не обидувајте се да го „разредите“ бензинот со дополнително точење дизел и потоа да продолжите да возите на своја рака, особено ако станува збор за модерен дизел-автомобил.
Потребно е да се испразни резервоарот и, доколку е неопходно, да се исплакне системот за гориво. Најбезбедно е да повикате помош на пат или сервис што се занимава со испумпување погрешно наточено гориво.
Важно е и да не давате контакт. Кај одредени автомобили, дури и самото давање контакт може да ја активира пумпата за гориво и да ја започне циркулацијата на погрешното гориво низ системот.
Ако веќе сте го стартувале автомобилот, не паничете, но што е можно побрзо запрете го на безбедно место и изгаснете го моторот. Колку подолго работел автомобилот и колку поголемо растојание сте поминале, толку е поголема можноста бензинот да поминал низ целиот систем за вбризгување.

Пет работи што треба да ги направите
Прекинете со точење веднаш штом ќе ја забележите грешката.
Не го стартувајте моторот и не давајте контакт.
Известете ги вработените на бензинската пумпа и, доколку е можно, поместете го автомобилот со туркање, без стартување на моторот.
Повикајте помош на пат или сервис што може да го испразни резервоарот и, доколку е потребно, да го исплакне системот.
Ако веќе сте возеле, веднаш запрете го автомобилот на безбедно место и изгаснете го моторот.
Најважно е да реагирате брзо. Ако погрешното гориво остане само во резервоарот и автомобилот не се стартува, проблемот најчесто се сведува на празнење и чистење на системот. Но, ако автомобилот се стартува и погрешното гориво почне да циркулира, потенцијалната сметка за поправка може да биде повеќекратно поголема.
Затоа, ако ви се случи ваква грешка, нема потреба од паника, но има едно нешто што никако не смеете да го направите: не го стартувајте автомобилот.













