[ФОТО] Porsche ги оживеа хероите од „Приказна за играчките“ – изгледаат неверојатно добро

Точка

11/06/2026

07:42

427

Големина на фонт

а а а

"Porsche" и "Pixar" повторно ги здружија силите, а резултатот од нивната соработка би можел подеднакво да ги воодушеви и љубителите на автомобили и обожавателите на анимирани филмови. Во пресрет на премиерата на филмот „Приказна за играчките 5“, создадени се три уникатни модели на Porsche 911, инспирирани од најпознатите ликови од франшизата: Вуди, Џеси и Баз Лајтјер.

Откако во 2022 година го претставија моделот "911 Sally Special", инспириран од ликот Сали Карера од серијалот „Автомобили“, кој на аукција беше продаден за дури 3,3 милиони евра, двете компании решија повторно да ги спојат световите на анимацијата и автомобилите.

Овојпат се создадени три целосно различни автомобили, а секој од нив верно го пренесува карактерот на ликот на кој му е посветен.


Повеќе од 350 часа работа на секој автомобил

Особено импресивен е фактот што на ниту еден од трите автомобили не се користени налепници. Сите детали се рачно насликани или изработени со специјални техники на обработка.

Одделот "Sonderwunsch" на "Porsche" потрошил повеќе од 350 часа работа на секое возило за што поверно да го долови карактерот на секој лик.


Porsche за Вуди инспириран од тексас

За Вуди е избран "Porsche 911 Carrera T", а дизајнерите инспирацијата ја пронашле во неговата препознатлива облека. Најинтересниот детал се крие во сината боја на каросеријата која потсетува на тексас-панталони.

За да постигнат што поавтентичен изглед, експертите од "Sonderwunsch" за првпат користеле вистински тексас во процесот на боење. Ткаенината била втиснувана во свежата боја за да се добие ефект на износен тексас.

Основата ја сочинуваат нијансите "Golf Blue", "Dark Sea Blue" и белата боја, додека деталите во златни и темнокафени тонови дополнително ја нагласуваат поврзаноста со стилот на Вуди. Црвени натписи со неговото име се наоѓаат на каросеријата, а специјалните бандажи се инспирирани од шерифската значка што ја носи најпознатиот каубој од светот на анимацијата.


Внатрешноста е подеднакво интересна. Жолтите кожни вметнувања се украсени со црвен кариран дезен кој потсетува на кошулата на Вуди, додека кафеавата кожа создава впечаток на стара играчка која минала низ бројни авантури.

Кога ќе се отворат вратите, патниците ги пречекува натписот: „Ride Like the Wind!“

Еден детаљ особено привлекува внимание – рачката на менувачот е обликувана како легендарната топка на „Pixar“.


Џеси доби елегантна „Targa“

Партнерката на Вуди, Џеси, била инспирација за „Porsche 911 Targa 4 GTS“.

Автомобилот е обоен во специјална бела металик боја со бисерен ефект, а дополнителните сини и жолти детали потсетуваат на нејзиниот костим. Рачно насликаните црвени линии исто така се инспирирани од облеката на овој популарен лик.

Бројни детали откриваат колку дизајнерите внимавале на секој елемент. Работ на покривот потсетува на шапката на Џеси, додека класичниот натпис „Targa“ е заменет со нејзиното име.

Во ентериерот доминира темносина кожа со црвени и сиви шевови. На седиштата и облогите на вратите има вметнувања инспирирани од тексас, а патосниците имаат дезен на кравја кожа.

При отворање на вратите, осветлените прагови го прикажуваат препознатливиот извик: „Yee Haw!“


Баз Лајтјер го доби најекстремниот „Porsche“

Иако автомобилите инспирирани од Вуди и Џеси се преполни со детали, Баз Лајтјер ја доби можеби најимпресивната верзија.

За омилениот вселенски ренџер е избран „Porsche 911 GT3 RS“ со „Weissach“ пакетот – еден од најпосакуваните и најекстремните модели што „Porsche“ денес ги произведува.

Каросеријата и бандажите се обоени во бело, додека зелените и виолетовите детали верно го пренесуваат изгледот на вселенскиот костим на Баз. Големото задно крило е дизајнирано така што потсетува на неговите препознатливи крилја.


Деталите продолжуваат низ целиот автомобил. На предниот дел се наоѓа ознаката на вселенски ренџер, на поклопецот на моторот стои презимето Лајтјер, а одделни графички елементи потсетуваат на копчињата од неговиот вселенски костим.

И ентериерот ја следи истата тема. Виолетови и зелени детали се наоѓаат на седиштата, облогите и другите елементи во кабината, додека осветлените прагови при отворање на вратите ја прикажуваат легендарната реченица:


„To Infinity and Beyond“

Низ целата внатрешност се скриени и бројни мали изненадувања за љубителите на филмот.

Сите три автомобили одат во хуманитарни цели

Сите три автомобили ќе бидат продадени заедно, а собраните средства ќе бидат донирани на организациите „Big Brothers Big Sisters of America“, „American Red Cross“ и „Starlight Children’s Foundation“.