„Volkswagen“ претстави електрични велосипеди со технологија од автомобилската индустрија: Имаат радар и камера

Точка

22/07/2026

10:21

1.491

Големина на фонт

а а а

„Volkswagen“, во соработка со производителот на електрични велосипеди „n+“, ја претстави новата генерација е-велосипеди, кои безбедноста ја подигнуваат на ниво што досега беше карактеристично речиси исклучиво за автомобилската индустрија. За жал, таква е и цената.

Задна камера и радар го следат сообраќајот

Централниот дел од новиот безбедносен пакет го сочинува системот „Smart View“, кој комбинира задна камера со висока резолуција и радарски сензори.

Камерата е поставена на задниот браник, а сликата во реално време се прикажува на екранот на управувачот.

На тој начин, возачот може да го следи сообраќајот зад себе без да ја врти главата, што може да го намали ризикот од губење рамнотежа или сообраќајна незгода.

Покрај камерата, радарот постојано ги следи возилата што се приближуваат одзади и предупредува кога некое од нив ќе влезе во мртвиот агол.

Станува збор за технологија што со години се користи во модерните автомобили, преку системите за следење на мртвиот агол.

Велосипедистите и досега имаа пристап до слична технологија преку специјализирана опрема, која најчесто комбинира радар и светло, или светло и камера.


LED светлата комуницираат со останатите учесници во сообраќајот

Посебно внимание е посветено и на видливоста на велосипедистите.

LED лента, вградена долж горната цевка на рамката, служи како дневно светло, но има и дополнителни функции.

При сопирање свети црвено, како стоп-светло, а при вртење трепка со жолта (килибарна) боја, јасно покажувајќи ја намерата на возачот кон останатите учесници во сообраќајот.

На овој начин, е-велосипедот презема уште една технологија што досега беше типична за автомобилите.


Паметната кацига може автоматски да повика помош

„Volkswagen“ разви и поврзлива паметна кацига, синхронизирана со системот за осветлување на велосипедот, која располага и со сопствени осветлени елементи за подобра видливост.

Покрај тоа, кацигата има систем за препознавање судир, кој во случај на несреќа може автоматски да ги извести однапред одредените контакти.

Цената на кацигата изнесува 499 евра.


Паметни очила како од борбен авион

Една од најинтересните новини се паметните очила, кои работат во комбинација со камерата и радарот на велосипедот.

Во видното поле на возачот тие проектираат навигациски насоки, сообраќајни предупредувања и информации за возењето, па нема потреба погледот да се спушта кон екранот на управувачот.

Според „Volkswagen“, оваа технологија ја развиле инженери со искуство во создавање системи за прикажување информации во кацигите на воени пилоти.

Цената на паметните очила исто така изнесува 499 евра.


Фокусот е ставен на безбедноста, а не само на перформансите

„Volkswagen“ истакнува дека целта на овој проект е да ја зголеми безбедноста на велосипедистите, особено во градскиот сообраќај, каде што тие честопати се помалку забележливи од другите учесници.

Новата линија електрични велосипеди затоа акцентот го става на технологии што му овозможуваат на возачот подобра прегледност и поголема свесност за околината, наместо да се натпреварува исклучиво со моќноста на електромоторот или капацитетот на батеријата.

Соработката со компанијата „n+“ покажува дека напредните автомобилски решенија сè почесто се префрлаат и во светот на електричните велосипеди, носејќи безбедносни системи што до неодамна беа резервирани исклучиво за автомобилите.


Во понудата се две верзии на електричниот велосипед, и двете опремени со „Yamaha PW-X3“ погон со 85 Nm вртежен момент.

Верзијата „Sport“, без багажник, започнува од 3.999 евра, додека верзијата „Crossover“ има почетна цена од 4.349 евра.

Системот „Smart View“, чија вредност е 699 евра, се добива бесплатно со купувањето на велосипедот.