„BMW“ го претстави продолжениот „X5“ за кинескиот пазар

Точка

28/07/2026

13:05

544

Големина на фонт

а а а

Кина повеќе не е ветената земја ниту за „BMW“. Продажните резултати се во пад, а баварскиот гигант се обидува да ги промени негативните трендови.

По неодамнешното претставување на продолжениот кросовер „iX3“ и лимузината „i3“, сега и новиот „BMW X5“ доби кинеска верзија со продолжено меѓуоскино растојание.


Достапен со мотори со внатрешно согорување, како и во електричната верзија „iX5“, луксузниот „SUV“ доби поголеми задни врати, откако меѓуоскиното растојание беше зголемено за 130 милиметри (сега изнесува 3.165 милиметри).


„BMW“ ја промени и графиката на предните светла, па „LED“ светлата повеќе не ја формираат буквата „X“ (која во кинеското општество има негативна симболика). Освен што нуди повеќе простор за нозете на патниците на задната клупа, овој „X5“ доби и нова карактеристика – „Theatre Screen“. Станува збор за 31,3-инчен екран со 8K резолуција, кој првпат беше претставен во „Series 7“. Наменет е и за работа и за забава, овозможувајќи видеоповици, стриминг на содржини и играње игри.


„BMW“ ги промени и сите седишта во продолжениот „X5“, кој стандардно доаѓа и со адаптивна воздушна суспензија на двете оски. Кинеските купувачи ги сакаат екраните, па не изненадува што десно од централниот „infotainment“ екран чувствителен на допир од 17,9 инчи се наоѓа и 14,6-инчен екран за совозачот. „Panoramic Vision“, кој се протега по целата ширина на A-столбот, веќе е препознатлив дел од опремата на „BMW“. Содржи три фиксни елементи во видното поле на возачот и до шест прилагодливи виџети од десната страна.


Кога станува збор за досегот, „iX5“ во Европа, според тестниот циклус „WLTP“, ќе може да помине 845 километри со едно полнење. Електричниот „SUV“ во Кина ветува уште повеќе – до 1.000 километри, но пред сè поради кинеските стандарди за мерење, кои се значително полиберални, пишува „Motor1. com“.