[ВИДЕО/ФОТО] Одржано првото полуфинале на „Евросонг“: Хрватска и Србија во финалето, Црна Гора испадна

Точка

13/05/2026

10:44

564

Големина на фонт

а а а

Во Виена вечерва се одржа првото полуфинале на „Евросонг“, а понатаму се пласираа Грција, Финска, Белгија, Шведска, Молдавија, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и Полска.

Вечерва вкупно се претставија 15 земји, а понатаму поминаа 10 од нив. Вечерта ја отвори Сатоши, овогодишниот претставник на Молдавија, кој пред публиката ја изведе песната „Viva, Moldova“.

Следуваа песни кои варираа од техно елементи до етномузика, а на крајот и метал. Меѓу највпечатливите настапи на вечерта беше оној на претставниците на Финска, за која настапија Линда Лампениус и Пете Паркконен со песната „Liekinheittin“, кои важат и за први фаворити за победа. Нивниот настап донесе спој на рок звук, електрична виолина и огнени сценски ефекти.

Со енергичен настап впечаток остави и грчкиот претставник Акилас, кој според обложувалниците е втор фаворит, а се претстави со песната „Ferto“.

Впечатлив беше и настапот на Хрватска, која ја претставуваа членките на групата Лелек со песната „Andromeda“. Србија, исто така, обезбеди место во финалето со настап кој предизвика силни реакции на социјалните мрежи и доби голема поддршка од публиката во салата. Во центарот на вниманието беше и Израел, поради кој оваа година на натпреварувањето не учествуваат Ирска, Исланд, Шпанија, Холандија и Словенија.

Покрај земјите за кои се гласаше, на сцената во Виена вечерва пееја и претставниците на Италија и Германија, кои се членки на Големата петорка, односно оваа година Големата четворка, имајќи предвид дека Шпанија се повлече од натпреварувањето.

Италија ја претставува Сал Да Винчи со песната „Per Sempre Si“, а Германија Сара Енгелс со песната „Fire“.

Второто полуфинале е закажано за четврток, кога ќе настапат Бугарија, Азербејџан, Романија, Луксембург, Чешка, Франција, Ерменија, Швајцарија, Кипар, Австрија, Латвија, Данска, Австралија, Украина, Велика Британија, Албанија, Малта и Норвешка.

Во големото финале, кое ќе се одржи во сабота, ќе се натпреваруваат 20 земји, заедно со домаќинот Австрија и земјите членки на Големата четворка: Италија, Германија, Велика Британија и Франција.