На Евровизија, маската на Швеѓанката ѝ падна среде настап – тоа никако не смеело да се случи: Еве ја вистинската причина зошто секогаш го крие лицето

Точка

13/05/2026

12:17

689

Големина на фонт

а а а

Шведската претставничка на Евросонг се нашла во непријатна ситуација само неколку секунди по почетокот на нејзиниот полуфинален настап. Пејачката Фелисија ја изведувала песната „My System“ на сцената во Виена кога дошло до непланиран проблем со костимот – маската што ја носела ѝ се лизнала среде настап.

На сцената се појавила со црна сјајна маска што ѝ го покривала долниот дел од лицето, која е дел од нејзиниот препознатлив сценски идентитет.

Во моментот кога се променила осветленоста и сцената накратко се затемнила, маската паднала. Кога рефлекторите повторно се вклучиле, Фелисија сè уште носела големи очила, но без маската која требало да остане дел од кореографијата и визуелниот концепт на настапот.

Иако незгодата била видлива, пејачката не покажала знаци на паника и професионално го продолжила настапот како ништо да не се случило.

Водителите на преносот веднаш забележале што се случило

На ситуацијата реагирале и коментаторите на „BBC“, Анџела Сканлон и Рајлан Кларк, кои им откриле на гледачите дека таков момент не се случил за време на пробите.


„Се случи мала незгода со костимот и очилата, нели? Маската ѝ се лизна. Ова е всушност прилично ексклузивно, бидејќи тоа не го видовме на пробите“, изјавила Сканлон за време на преносот.

Нејзиниот колега Рајлан Кларк се пошегувал на сметка на ситуацијата: „Јас сум само среќен што воопшто има уста! Не бев сигурен дали воопшто има или не.“

Приказната за маската почнала многу пред Евросонг

Фелисија, со вистинско име Фелисија Ериксон, на шведската публика ѝ станала позната под уметничкото име Фрокен Снуск. Тогаш го градела својот имиџ како маскирана изведувачка препознатлива по розова балаклава што ѝ го покривала речиси целото лице.

Денес нејзиниот визуелен изглед е значително поинаков. Маската е помала и главно го покрива само долниот дел од лицето, но и понатаму останува важен дел од нејзиниот сценски идентитет.


Како што пишува евровизискиот портал „Aussievision“, приказната за маската започнала уште за време на нејзините почетоци на шведската EPA-dunk сцена, каде што публиката ја привлекувала со енергични песни, впечатливи визуели и доза мистерија околу нејзиниот идентитет. Во тоа време лицето го криела многу повеќе од денес — розовата балаклава ѝ го покривала речиси целото лице, освен очите и усните.

Со текот на времето се менувал и нејзиниот имиџ. Откако го напуштила проектот Fröken Snusk и почнала да настапува како FELICIA, маската не исчезнала целосно, но станала посуптилен детал што ја поврзува старата и новата фаза од нејзината кариера.


Зад маската се крие и лична приказна

„Aussievision“ наведува и дека маската за Фелисија има подлабоко значење од обичен сценски ефект. Пејачката претходно зборувала дека од детството се соочува со социјална анксиозност и дека покривањето на дел од лицето ѝ помага на сцената да се чувствува посигурно.

Затоа, маската во нејзиниот случај не е само визуелен трик или начин за привлекување внимание, туку дел од идентитетот со кој истовремено задржува одредена доза приватност.