Познатата пејачка е во индуцирана кома откако денес ѝ се влошила здравствената состојба. Таа е префрлена на одделението за интензивна нега и е поврзана со вентилатор. Бони Тајлер е подложена на операција на цревата, по што ситуацијата се искомплицирала.
Легендарната велшка пејачка беше подложена на итна операција на цревата во Алгарве, Португалија, откако беше итно префрлена во болница во Фаро кон крајот на минатиот месец поради перфорација на цревата.

Локалните медиуми објавија дека нејзината состојба се влошила во последните неколку часа, иако вчера била стабилна. Угледниот португалски дневен весник „Корејо да Мања“ пишува дека Бони Тајлер е „во несвест“ и дише со помош на вентилатор.
„Бони Тајлер е во индуцирана кома откако помина неколку дена во болницата во Фаро, по операција на дебелото црево“, се вели во него.
Лекарите кои се грижат за неа признаа дека не се во можност да предвидат како ќе се развиваат работите во наредните часови. Како што се испостави, Бони била итно однесена во болница на 30 април.

„Со жалење објавуваме дека Бони е примена во болница во Фаро, Португалија, каде што живее, за итна операција на цревата. Операцијата помина добро и таа сега се опоравува.
Знаеме дека целото нејзино семејство, пријатели и обожаватели ќе бидат загрижени за оваа вест и ќе ѝ посакаат брзо и целосно закрепнување“, изјавил нејзиниот портпарол.
Познатата пејачка е најпозната по нејзината песна од 1983 година „Total Eclipse Of The Heart“, но и по нејзините песни „It's A Heartache“ и „Hoding Out For A Hero“.
Бони се натпреваруваше на Евровизија како претставник на Велика Британија во 2013 година, освојувајќи го 19-то место со песната „Believe In Me“.

Легендата на 80-тите призна претходно оваа година дека редовно прима инјекции со ботокс, но додала: „Сосема сум во форма за моите години, фала му на Бога. И никогаш нема да се пензионирам. Го гледам Том Џонс. Тој е неверојатен. Неговиот глас е силен како и секогаш - а е десет години постар од мене.“
Во интервју за „Мирор“ минатата година, таа изјавила: „Почнав да пеам кога имав 17 години и никогаш не помислив дека сè уште ќе го правам тоа на оваа возраст. Малку забавив, но сега знам дека никогаш нема да се пензионирам.“







