Астронаутите се подготвуваат за последниот предизвик на мисијата "Артемис 2"! Затишје пред бура, следува навлегување низ атмосферата со брзина од 40.000 км/ч и спуштање во Тихиот Океан

Точка

09/04/2026

19:16

224

Големина на фонт

а а а

„Артемис 2“ се подготвува за враќање на Земјата – на 10 април леталото ќе навлезе низ атмосферата со брзина од околу 40.000 километри на час, што ќе претставува вистински тест за отпорноста на капсулата на екстремна топлина.

Екипажот на вселенската мисија „Артемис 2“ има „уште многу фотографии и приказни“ што сака да ги сподели со светот, велат астронаутите додека се подготвуваат за враќање на Земјата.

„BBC“ наведува дека четворицата астронаути во леталото „Орион“ ја завршиле мисијата – обиколка околу Месечината – и се очекува да слетаат во близина на калифорнискиот град Сан Диего утре во 20 часот по источноамериканско време (два часот наутро во сабота по македонско време).

„Се радуваме на можноста да го споделиме со целиот свет она што го видовме за време на мисијата“, изјави астронаутот Виктор Гловер.


Ова беше првпат тимот да се обрати по историскиот лет околу Месечината, што претставува најдалечната точка до која човекот досега стигнал во вселената.

„Сè уште не сте виделе многу податоци, но целиот квалитетен материјал се враќа со нас. Имаме уште многу фотографии и приказни“, рече Гловер вчера пред новинарите што ја следат мисијата „Артемис 2“.

Тој додаде дека екипажот има „уште два дена“ лет пред да може целосно да ги процесира впечатоците од сè што виделе.


„До крајот на животот ќе размислувам и ќе зборувам за сите овие нешта“, истакна Гловер.

Мисијата „Артемис 2“ и леталото „Орион“ го соборија рекордот за најдалечно човечко патување во вселената, надминувајќи ја претходната граница од 400.000 километри, поставена во 1970 година од мисијата „Аполо 13“.

Не беше предвидено слетување на Месечината, туку обиколка околу нејзината подалечна страна, која не е видлива од Земјата.


Сателити и претходно правеле фотографии од далечната страна на Месечината, но членовите на екипажот на „Орион“ се првите луѓе кои директно виделе делови од таа страна, нејзините големи кратери и рамнини создадени од лава.

Веднаш по успешната обиколка, американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со екипажот и им честиташе на астронаутите.

„Испишавте историја и ја направивте цела Америка горда, неверојатно горда“, изјави Трамп.


За време на прес-конференцијата, новинарите беа сместени во Вселенскиот центар на „NASA“ во Хјустон, додека микрофоните „лебдеа“ меѓу астронаутите во леталото.

Тие наизменично одговараа на прашања со задоцнет сигнал.

Беа прашани и за „длабоката осаменост“, како што ја опиша репортер на „Los Angeles Times“, мислејќи на 40-те минути кога леталото изгубило контакт со Земјата.


Командантот Рид Вајзман смета дека екипажот имал многу научни задачи и дека тоа било „веројатно најважното набљудување на Месечината за геолошкиот тим“ на мисијата.

„Но, четворицата го искористивме моментот, поделивме јаворови колачи што ги донесе Џереми (единствениот Канаѓанец во тимот) и три или четири минути поминавме како тим, само набљудувајќи каде навистина се наоѓаме – додаде тој.

За Гловер, најголемиот подарок од оваа мисија била можноста да види затемнување на Месечината додека летале зад нејзината темна страна, додека за Вајзман „врвот“ бил моментот кога тимот именувал еден месечев кратер по неговата сопруга Керол, која починала од рак во 2020 година.


„Кога Џереми го изговори името Керол … ме преплавија емоции, погледнав кон Кристина и таа плачеше. За мене лично, тоа беше врвот на оваа мисија“, рече Вајзман.

Членовите на екипажот добивале и вести од Земјата преку своите семејства.

„Тоа беше нашиот извор на информации за тоа како мисијата се перципира во јавноста“, изјави Вајзман, додавајќи дека членовите на семејствата „очигледно се пристрасни“.


На прашањето на новинарката на „BBC“, Ребека Морел, што најмногу ќе им недостасува од вселената, астронаутката Кристина Кох одговори дека тоа е „другарството“.

„Не можеме да направиме напредок во истражувањата ако не правиме нешта што се невообичаени, ако не поднесуваме одредени жртви и ако не преземаме ризици. А сето тоа вреди за ова“, порача Кох.

Екипажот во текот на два помирни дена пред враќањето на Земјата мора да изврши проверки и проби пред завршниот предизвик: силно навлегување низ атмосферата со брзина од околу 40.000 километри на час, по што ќе следи спуштање со падобран во Тихиот Океан – вистински тест за издржливоста на капсулата на топлина и на системите за извлекување.