Кина направи значаен експериментален чекор што би можел да ја преобликува иднината на светската авијација.
За првпат успешно беше тестиран моќен авионски мотор на водород за време на лет што траеше 16 минути, што во стручните кругови се смета за клучна пресвртница во развојот на технологијата за алтернативни горива.
Тестирањето беше извршено во градот Џуџоу, во провинцијата Хунан, а како платформа послужи беспилотно товарно летало тешко околу 7,5 тони.
Авионот за време на пробата достигнал висина од 300 метри, поминал дистанца од 36 километри и безбедно слетал.

Максималната брзина за време на летот изнесувала 220 километри на час, а инженерите потврдија дека во текот на целиот процес немало никакви технички проблеми.
Според експертите ангажирани на проектот, примарната цел на тестот не биле брзината ниту поминатото растојание, туку потврда дека моторот на водород може стабилно да функционира во реални услови на лет.
Успехот на оваа проба е јасен показател дека технологијата излегува од лабораториските рамки и влегува во фаза на практична примена.

Поинаков пристап во однос на Западот
Она што го издвојува овој кинески потфат е самиот пристап кон користењето водород.
За разлика од западните проекти, како оние што ги развива компанијата „Airbus“, а кои се базираат на претворање на водородот во електрична енергија преку горивни ќелии, кинескиот метод се потпира на директно согорување на водородот во самиот мотор.
Овој процес е многу сличен на начинот на кој функционираат моторите на конвенционален керозин.

Иако овој метод се смета за енергетски поефикасен за поголеми летала, тој носи и огромни технички предизвици.
Најголемата пречка е складирањето на течниот водород, кој мора да се чува на екстремно ниски температури од околу-253 степени Целзиусови.
Покрај технолошкиот аспект, Кина оваа програма ја третира како инвестиција од стратешко значење.

Во ера на засилени геополитички тензии и енергетска несигурност, Пекинг настојува да ја намали зависноста од увозна нафта и да воспостави технолошка доминација во авио-индустријата.
Иако масовната употреба на водород во комерцијалните патнички летови сè уште е далечна перспектива поради високите трошоци и недостигот на инфраструктура, овој тест е јасен доказ дека глобалната трка за следната генерација воздухопловство веќе сериозно започна.
Кина со овој потег испрати порака дека е подготвена да ја предизвика доминацијата на конвенционалните горива и да постави нови стандарди во еколошки одржливото летање.














