Научниците од Центарот „Хелмхолц“ Дрезден-Росендорф (HZDR) тврдат дека Сончевиот систем моментално минува низ меѓуѕвезден облак кој содржи остатоци од древна супернова, а клучната трага за ова тврдење е пронајдена во — антарктичкиот мраз.
Истражувањето, кое го објави меѓународен тим во списанието „Physical Review Letters“, се заснова на детекција на редок изотоп на железо-60, познат како „ѕвезден отпечаток“ од експлозии на масивни ѕвезди.
Изотоп од експлозии на ѕвезди како клучен доказ
Во центарот на студијата се научниците Доминик Кнол и Антон Валнер, кои објаснуваат дека железото-60 е значително поразлично од вообичаеното железо-56 кое се наоѓа на Земјата. Овој изотоп има четири неутрони повеќе и е слабо радиоактивен, но се распаѓа исклучително бавно, со полуживот од 2,6 милиони години. Настанува исклучиво во последните фази од животот на масивните ѕвезди, кога тие експлодираат како супернови.

Според претходни геолошки наоди, Земјата и целиот Сончев систем пред околу 1,5 до 2,3 милиони години веќе биле изложени на прилив од железо-60 од супернови. Оттогаш, во радиус од околу 300 светлосни години не е забележана ниту една нова експлозија од овој тип, што дополнително ги зацврстило научниците во уверувањето дека потеклото на новооткриените траги мора да биде поинакво.
Доказ во мразот од Антарктикот
Меѓутоа, изненадувањето настанало кога железо-60 било пронајдено и во релативно млад, помалку од 20 години стар антарктички снег. Тимот првично претпоставил дека локалниот меѓуѕвезден облак може да го „чува“ овој материјал и дека Сончевиот систем при минувањето низ него постепено го акумулира, но таа хипотеза тогаш не можела да биде потврдена.

Новата анализа донела дополнителни докази. Истражувачите проучувале ледено јадро кое го обезбедил Институтот Алфред-Вегенер (AWI), а кое опфаќа период од 40.000 до 80.000 години. Со споредба со постари примероци од длабоко море и снег стар околу 30.000 години, било забележано дека приливот на железо-60 на Земјата првично бил слаб, а потоа се зголемувал.
Сончевиот систем минува низ космички облак
„Тоа укажува дека претходно сме се наоѓале во средина со помало количество железо-60 или дека самиот облак има изразени разлики во густината“, наведува научникот од HZDR Институтот за физика на јонски снопови и истражување на материјали. Според неговите зборови, промените во приливот на овој изотоп се случиле во распон од само неколку десетици илјади години, што во космички размери е исклучително брз процес.

Истражувањето било и технички исклучително тешко. Научниците морале да издвојат само неколку стотици милиграми ѕвездена прашина од дури 300 килограми мраз. По почетните анализи во Дрезден, примероците биле анализирани во Heavy Ion Accelerator Facility (HIAF) во Канбера, на Австралискиот национален универзитет — единственото место што може да издвојува толку мали количества железо-60 од огромна количина други атоми.
„Тоа е како да барате игла во 50.000 стадиони полни со сено“, сликовито опиша Анабел Ролфс од Универзитетот во Бон, која исто така учествувала во истражувањето.
Научниот тим сега планира анализа на уште постари примероци мраз, со цел попрецизно да го одреди моментот кога Сончевиот систем влегол во овој меѓуѕвезден облак и почнал да минува низ остатоците од древна супернова.













