Во напуштените делови на Фукушима, некогашните домашни свињи кои биле оставени по катастрофата на 11 март 2011 година денес претставуваат неочекувана приказна за приспособување и еволуција.
Научниците неодамна открија дека овие животни развиле „исклучителни репродуктивни способности“, што овозможило нивната популација да расте многу побрзо отколку што е вообичаено кај дивите животни.
Феноменот не е занемарлив
Според истражувањето на тимот од Универзитетот Хиросаки, преку природно мешање на домашни и диви свињи е создадена „хибридна популација“ која се размножува речиси непрекинато во текот на целата година.
„Ова е пример како животните можат исклучително брзо да се приспособат на нови услови кога ќе исчезне човечката активност – објаснува авторот на студијата, професорот Шинго Канеко.
Да потсетиме, земјотресот во 2011 година, со јачина од 9,0 степени според Рихтеровата скала, предизвика цунами кое уништи домови на 450.000 луѓе и ги доведе реакторите во електраната Фукушима Даичи до катастрофална состојба.
Во тој хаос, сточарите биле принудени да ги напуштат фармите, оставајќи зад себе илјадници домашни свињи. Вратите од шталите останале отворени или со текот на времето се оштетиле, овозможувајќи им на животните да избегаат во околните шуми и напуштени полиња.
Последиците од откриениот феномен не се занемарливи. Ваквите „хибридни“ видови се познати по тоа што уништуваат земјоделски култури, ги нарушуваат екосистемите и ја загрозуваат автохтоната дивина. Слични проблеми се забележуваат ширум светот, од САД до Европа, каде тие станале едни од најразорните инвазивни видови.
„Кога луѓето ќе исчезнат од екосистемот“
Истражувачите анализирале ДНК на речиси 200 животни во регионот во текот на последните години, користејќи специјални маркери за да го следат движењето на гените низ популацијата. Заклучокот е дека „хибридите“, чии мајки биле домашни свињи, ги задржуваат репродуктивните предности на своите предци, додека нивната генетска структура постепено станува слична на дивите свињи.
Коавторот на студијата, д-р Донован Андерсон, објаснува:
Единствената особина на домашните свињи – брзиот, целогодишен репродуктивен циклус – веројатно е клучот за разбирање зошто овие популации толку брзо се шират.
Ова откритие нуди вредни сознанија за институциите кои се занимаваат со управување со инвазивни видови. Разбирањето како репродуктивните особини се пренесуваат и забрзуваат може да помогне во предвидување на идните експанзии на популациите и развој на поефикасни стратегии за контрола.
Професорот Шинго Канеко додава дека Фукушима претставува ретка можност за проучување на оваа динамика, пренесува „Daily Mail“.
„Кога луѓето ќе исчезнат од екосистемот, животните пронаоѓаат начини да се приспособат и брзо да се шират – тоа е лекција за управувањето со дивите суштества и зачувувањето на природата“, заклучил тој.
Додека властите и истражувачите се обидуваат да пронајдат ефикасни методи за контрола на „хибридните“ популации, студијата од Фукушима ја нагласува и пошироката порака – природата често пронаоѓа начин да се приспособи, а неочекуваните околности можат да доведат до долгорочни промени во животинските популации, дури и децении по првичниот настан.












