Витамините обично се презентираат многу едноставно, земете ја вистинската количина и вашето тело ќе функционира совршено. Всушност, човечкиот организам е многу посложен.
И премалку и премногу одредени витамини или минерали може да бидат поврзани со сериозни проблеми, но толкувањето на овие врски не е секогаш едноставно.
Витаминот Б12 е еден таков витамин.
Со години се смета за еден од „добрите момци“ во исхраната, бидејќи му помага на телото да функционира правилно. А кога нема доволно од него, последиците брзо се чувствуваат, хроничниот замор и забавените когнитивни функции се меѓу најчестите симптоми на недостаток на витамин Б12.
Сепак, неодамнешните истражувања покажуваат дека приказната за витаминот Б12 е многу посложена. Научниците открија збунувачки врски помеѓу абнормалните нивоа на Б12 и одредени видови на рак, вклучувајќи рак на белите дробови, дојката, хранопроводот и дебелото црево.

Витаминот Б12 или кобаламин, е неопходен за животот на сите животни. Учествува во создавањето на ДНК и миелин што ги штити нервите, важен e за созревањето на црвените крвни зрнца, како и за процесите поврзани со мастите и аминокиселините.
Исхраната базирана на растенија создава проблеми
Бидејќи растенијата не произведуваат Б12, овој витамин природно се наоѓа само во храна од животинско потекло. Затоа луѓето кои јадат исклучиво растителна храна или имаат проблеми со апсорпцијата на хранливи материи често страдаат од негов недостаток.
Неговата улога во синтезата и стабилизацијата на ДНК ги навела научниците да истражат можна врска со ракот. Ракот всушност започнува со оштетување на ДНК и се смета дека тешкиот недостаток на Б12 може индиректно да ги наруши процесите со кои клетките копираат и поправаат генетски материјал.
Затоа, некои истражувања сугерираат дека одржувањето на здрави нивоа на Б12 може да помогне во заштитата на клетките од генетската нестабилност поврзана со ракот.
Но, други студии дополнително ја комплицираа приказната - тие покажаа врска помеѓу невообичаено високите нивоа на Б12 во крвта и ракот на белите дробови.
Така, кај пациенти со рак во бројни студии низ целиот свет се забележани и прениски и превисоки нивоа на Б12.
Дали ова значи дека неурамнотежениот внес на витамин Б12 предизвикува рак? Не мора да значи. Всушност, можно е врската да е обратна.
Еден од главните проблеми е што истражувачите често мерат две различни работи: колку Б12 луѓето внесуваат преку храна и колку од овој витамин циркулира во нивната крв.

Ова не е исто, бидејќи нивото на Б12 во крвта зависи не само од исхраната, туку и од тоа како телото го складира, користи и транспортира витаминот.
Црниот дроб складира големи количини на Б12, а одредени видови на рак, особено ракот на црниот дроб и агресивните форми на рак што се шират низ целото тело, можат да го нарушат начинот на кој витаминот се складира, транспортира и ослободува.
Бидете внимателни со анализите
Некои тумори дури го зголемуваат производството на протеини што го транспортираат Б12 преку крвотокот. Ова значи дека покаченото ниво на Б12 во крвните тестови понекогаш може да биде симптом или последица на болест, а не нејзина причина.
Научниците сè уште се обидуваат да разјаснат што точно значи покачено ниво на Б12.
Студија од 2026 година, во која учествувале повеќе од 37.000 пациенти со рак на дебелото црево, покажала дека луѓето со многу високо ниво на Б12 имаат значително полоши шанси за преживување. Сепак, истражувачите не докажале причинско-последична врска, туку сугерирале дека Б12 може да биде биомаркер на поагресивна форма на болеста.
Преглед на научни трудови од 2022 година заклучил дека сè уште нема цврсти докази дека високиот внес на Б12, покаченото ниво на витаминот во крвта или суплементацијата директно предизвикуваат рак, и покрај честите врски помеѓу абнормалните нивоа на Б12 и болеста.
Друг преглед од 2024 година, кој ги испитувал нивоата на Б12 кај пациенти со рак, довел до заклучок дека „дијагностичкото значење на покачениот Б12 кај луѓе со веќе дијагностициран рак останува нејасно и може да се должи на обратна причинско-последична врска“.
Дополнителна сложеност донела студија од 2024 година спроведена во Виетнам на 3.758 пациенти со рак.
Истражувачите го споредиле внесот на Б12 кај заболените и кај 2.995 здрави луѓе и пронашле таканаречена врска во облик на буквата U - и луѓето со многу низок и оние со многу висок внес на витаминот имале зголемен ризик од рак во споредба со оние во средниот опсег.
Сепак, оваа студија има и важни ограничувања.

Како и многу студии за врската помеѓу Б12 и ракот, таа била опсервациска, што значи дека може да покаже само поврзаност, но не и директна причина и последица. Исто така, истражувачите се потпирале и на прашалници за исхраната, кои не се секогаш целосно сигурни индикатори за долгорочните навики во исхраната.
Во исто време, дури и групата со највисок внес на витамини во просек внесувала околу 2,97 микрограми Б12 дневно, што не е многу повеќе од стандардните препораки, кои се движат помеѓу 2,4 и 2,8 микрограми дневно.
Поради сите овие недоследности во истражувањата, врската помеѓу ракот и витаминот Б12 сè уште не е сосема јасна. Научниците сè уште се обидуваат да утврдат дали витаминот придонесува за болеста, дали е последица на болеста или можеби и двете.
Сепак, едно нешто изгледа прилично јасно: како и со многу работи во животот, проблемите најчесто се јавуваат кога има премалку или премногу од нешто.















