Не знаат за канцер: Ова е менито на најздравиот народ на светот кој го поврзуваат и со Александар Македонски – живеат и над 100 години

Точка

02/02/2026

18:59

1.253

Големина на фонт

а а а

Потеклото на народот Хунза е подеднакво мистериозно како и нивната извонредна долговечност, а одговорите веќе децении се бараат во необичната комбинација на генетика, средина и начин на живот, па дури и во можни врски со Баските и војската на Александар Македонски.

На крајниот север на Пакистан, во високата планинска долина Хунза, во регионот Гилгит-Балтистан, живее заедница за која се зборува со скоро митско почитување. Според локалните сведоштва, многу припадници на овој народ доживуваат длабока старост, често над 100 години, додека за поединци се тврди дека живееле дури 120 или дури 130 години. Се спомнуваат и старости од 140 години, но прецизна потврда не постои, бидејќи Хунзите традиционално немаат матични книги ниту официјални записи кои би го потврдиле тоа.

Во земја каде што просечниот животен век е околу 67 години, долината Хунза изгледа како исклучок што ги предизвикува статистиките. Истражувачите забележале необични појави, како што се бремености во подоцнежни години од животот, дури и по шеесеттата година, како и исклучително ниска зачестеност на хронични болести кои се вообичаени во остатокот од светот. Објаснувањето најчесто се бара во комбинацијата на чиста природа, физичка активност и специфична исхрана.

Исхраната како темел на долг живот


Начинот на исхрана на народот Хунза значително се разликува од современите прехранбени навики. Нивната секојдневна исхрана се базира речиси исклучиво на намирници што самите ги произведуваат. Водата ја пијат директно од глечерски извори, богата со минерали, додека индустриски преработена храна практично не постои, бидејќи селата се оддалечени и слабо поврзани со урбаните центри.

Основата на нивната исхрана ја сочинуваат растителните намирници. Кајсиите имаат посебно место и се сметаат речиси како симбол на здравјето на Хунза. Ги јадат свежи, сушени, а користат и нивните јадра. За време на долги периоди на пост, кои можат да траат недели, па дури и месеци, исхраната се сведува на сок од кајсии и мали количества јадра, што се смета за природен начин на детоксикација на организмот.


Покрај овошјето, Хунзите секојдневно консумираат интегрални житарки како јачмен, пченица и просо. Лебот се прави од грубо брашно, без адитиви. Зеленчукот е сезонски и локален, најчесто компир, спанаќ, репка, морков и различни видови мешунки. Месото се јаде ретко, главно при посебни прилики, и тоа во мали количини. Млечните производи се присутни умерено, најчесто во форма на ферментирано млеко или јогурт.

Шеќер, рафинирани масла и алкохол речиси и да не постојат во нивната исхрана. Храната е едноставна, нутритивно богата и прилагодена на тешките планински услови, но и на бавниот, природен ритам на животот.

Покрај исхраната, секојдневната физичка активност е неизбежна. Пешачењето по планинскиот терен, работата на полињата, но и практикувањето јога, вежби за дишење и медитација се дел од секојдневието, а не посебна практика резервирана само за слободното време.

Таинствено потекло

Дополнителна интрига предизвикува и потеклото на овој народ. Хунзите често се посветли од околните народи, а нивниот јазик, бурушаски, не припаѓа на ниту една голема јазична група. Лингвистите забележале одредени сличности со баскискиот јазик, што отвори простор за бројни теории за нивното потекло.


Една од најпознатите претпоставки вели дека Хунзите се потомци на војниците на Александар Македонски, кои за време на неговите походи се задржале во ова планинско подрачје и тука основале заедница. Иако за оваа теорија не постојат цврсти докази, таа дополнително придонесува за мистиката која го опкружува народот Хунза.

Дали станува збор за генетика, начин на живот или комбинација од двата фактори, едно е сигурно: долината Хунза останува едно од најфасцинантните места во светот кога станува збор за долговечност и квалитет на животот, а нивната исхрана и односот кон телото и природата сè почесто се наведуваат како инспирација за современи истражувања на здраво стареење.