Откако три месеци јадела исклучиво сардини, тврди дека постигнала неверојатни резултати кои со години се обидувала да ги оствари со разни режими на исхрана.
Ако три месеци би јаделе само една иста храна, веројатно би го избрале омилениот оброк – можеби паста или нешто што едноставно никогаш не би ви здодеало. Веројатно не би се одлучиле за конзервирани сардини, нели?
Џејн Крамет (62) имала сериозни здравствени проблеми поради екстремни болки во стапалата, воспаленија и зависност од храна, по што решила да направи драстична промена во начинот на живот, пишува „LADbible“. Пензионираната воена терапевтка на врвот од својата телесна тежина имала околу 108 килограми и страдала од плантарен фасцитис, што сериозно ѝ го отежнувало одењето.
Во 2020 година Крамет вовела карнивор диета и ослабела 29 килограми, но со текот на времето стигнала до стагнација и тежината повторно почнала да ѝ се зголемува. Било време да проба нешто поинакво.
Во мај достигнала тежина од 89 килограми и решила да проба 72-часовен пост со сардини, осмислен од докторката Анет Бозворт. Овој метод е замислен за забрзување на метаболизмот и внесување на телото во напредна кето состојба, со цел побрзо согорување на мастите како извор на енергија.
Сепак, таа не застанала по три дена, туку продолжила со рибата.
„Луѓето мислат дека сум целосно луда“, изјавила Крамет, објаснувајќи дека секојдневно јаде по четири конзерви сардини.
Со внес од околу 1.500 калории дневно, таа тврди дека „воопшто не чувствува глад“. Жената наведува дека оваа диета базирана на масна риба ѝ ја вратила енергијата, го намалила нивото на шеќер во крвта и ги ублажила болките. Крамет исто така изјавила дека во првите две недели од овој режим изгубила околу 5,5 килограми течности.

Еден британски лекар од здравствената компанија „Jude“ предупредил на низа потенцијални недостатоци од ваквата диета.
„Прво, сардините воопшто не содржат влакна. Влакната се клучни за здравјето на цревата и варењето. Исхрана базирана само на сардини може да доведе до запек. Начинот на кој се конзервираат сардините значи дека тие најчесто се во сол или масло. Ако се во сол, ќе внесувате премногу натриум, што може да го зголеми крвниот притисок и да ги оптовари бубрезите“, изјавил д-р Масарат Џилани.
„NHS“ ја нагласува важноста на здрава и балансирана исхрана за одржување на доброто здравје, вклучувајќи најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно.








