Состојбата што ја имала Кетрин О’Хара погодува 1 од 10.000 луѓе – еве што ја предизвикува и кои се фактори на ризик

Точка

02/02/2026

09:05

1.162

Големина на фонт

а а а

Кетрин О’Хара, на многумина омилена актерка која стекна светска популарност со улогата на ексцентричната Моира Роуз во серијата „Schitt’s Creek“, како и со настапите во култните филмови „Home Alone“ и „Beetlejuice“, почина на 30-ти јануари, на 72-годишна возраст.

Причината за смртта засега не е позната. Меѓутоа, од претходно беше познато дека О’Хара боледувала од ретка вродена состојба наречена situs inversus, при која срцето и другите витални органи во градниот кош и стомакот се поставени во огледален распоред во однос на вообичаената анатомија, пишува „Daily Mail“.

Случајно открила дека срцето ѝ е на „погрешната“ страна

О’Хара ретко зборуваше за својата здравствена состојба, но еднаш во интервју раскажала како ја открила сосема случајно.


Додека нејзиниот син бил во градинка, морала да направи тестирање за туберкулоза, а за време на прелиминарните прегледи рендгенската снимка на градниот кош открила необичен распоред на нејзините органи. „Јас сум чудак! Ја ценам западната медицина, само не сакам да бидам нејзин дел“, се пошегувала тогаш. Признала и дека не сакала да навлегува во медицински детали.

„Не го знам ни името бидејќи не сакам да го знам. Нешто кардио-инверза, па декстро-кардија и нешто-инверза… Луѓето ќе мислат дека сум човек што ништо не знае, но некако и не сакам да знам, бидејќи ни претходно не знаев“, рекла таа.

Што е situs inversus?

Situs inversus е ретка состојба при која внатрешните органи се сместени во обратен, огледален распоред. Најчесто се однесува на срцето, белите дробови, црниот дроб, желудникот и слезината.

Органите во текот на развојот во матката вообичаено се формираат во стандарден лево-десен распоред, но кај лицата со situs inversus тој распоред се развива обратно, десно-лево.

Според податоците на „Cleveland Clinic“, кај таквите лица левата преткомора на срцето и левото белодробно крило се наоѓаат на десната страна од телото, црниот дроб може да биде сместен лево, додека желудникот и слезината често се на десната страна.

Се проценува дека оваа состојба ја има едно од околу 10.000 лица, а нешто е почеста кај мажите.

Што ја предизвикува оваа состојба?

Situs inversus настанува како последица на генетска мутација. За едно лице да ја развие оваа состојба, мора да наследи мутиран ген од двата родители.

Научниците досега поврзале повеќе од 100 гени со неправилности во положбата на органите.

Меѓу дополнителните фактори на ризик се наведуваат:

- семејна историја на вродени мани
- гестациски дијабетес
- пушење за време на бременоста
- користење одредени лекови во бременоста
- низок социоекономски статус

Постојат ли компликации?

Во повеќето случаи органите, иако се сместени на „погрешната“ страна, функционираат нормално. Многу луѓе со situs inversus никогаш ни не дознаваат дека ја имаат оваа состојба и не чувствуваат никакви симптоми.

Компликации може да се појават ако состојбата е поврзана со други нарушувања, на пример:

- вродени срцеви мани
- примарна цилијарна дискинезија, која предизвикува натрупување слуз во белите дробови
- чести бронхитиси и синузитиси

Важно е да се биде свесен за оваа состојба бидејќи може да доведе до погрешна дијагноза или одложување на лекувањето, со оглед на тоа што лекарите им пристапуваат на органите според вообичаениот распоред.

Може ли situs inversus да се лекува?

Самата состојба не бара лекување бидејќи не предизвикува симптоми. Не постои терапија со која органите би се „вратиле“ на стандардните места, ниту се препорачуваат оперативни зафати со таа цел.

Доколку се појават компликации поврзани со други нарушувања, лекарите ги лекуваат токму тие придружни проблеми. Поголемиот дел од луѓето со situs inversus можат да живеат целосно нормално и да имаат вообичаен животен век.