Во Вселената изгледа како сафирен драгоцен камен, но HD 189733b е сè, освен тоа. Со ветрови кои достигнуваат седум пати поголема брзина од звукот и облаци кои излеваат стопено стакло на страна, овој вонземски свет е едно од најнепристапните опкружувања некогаш забележани.
Планетата, која се наоѓа на 64 светлосни години далечина во соѕвездието Лисица, првпат се најде на насловните страници кога вселенскиот телескоп Спицер на НАСА ја забележал нејзината вжештена температура. Подоцнежните набљудувања со Хабл откриле блескава сина атмосфера, што некои ги наведе на почетокот да ја споредуваат со Земјата. Таа споредба не траела долго.
Првпат идентификувана во 2005 година од страна на тим француски астрономи, HD 189733b брзо привлекла внимание кај научниците поради својата екстремна близина до матичната ѕвезда. Оваа блиска орбита ја изложува планетата на континуирано ѕвезденско бомбардирање, претворајќи ја нејзината атмосфера во печка на нестабилни активности.
Сина планета без океани

За разлика од Земјата, сината нијанса на HD 189733b не потекнува од вода. НАСА потврди дека бојата всушност е резултат на атмосфера изгорена од пламен која содржи облаци богати со силикатни минерали, а не од рефлексии од океаните. Овие високи облаци ја распрснуваат сината светлина на ист начин како што тоа го прави земјиното небо, но сличноста тука завршува.
Се проценува дека атмосферата на планетата достигнува температури до 1.093°C на дневната страна. Овие екстремни услови се предизвикани од тесната орбита на планетата, која создава остар контраст помеѓу нејзината жешка дневна и релативно поладна ноќна страна. Како што наведува Американската вселенска агенција, оваа температурна нерамнотежа е движечка сила зад силните ветровни системи кои се забележуваат на планетата.
Ветер со брзина од 8.690 км/ч
Научниците кои користеле Хабл откриле дека брзината на ветерот може да достигне и до 2 км/с, што е доволно брзо за да пренесе материјали низ планетата за само неколку часа. Овие ветрови далеку ја надминуваат било која забележана атмосферска брзина во нашиот Сончев систем.
„Овој вжештен вонземски свет можеби лачи дожд од стакло — бочно — во своите ветрови“, се наведува во едно соопштение на агенцијата.
Комбинацијата на брзина, топлина и хемиски соединенија на големи височини создава циклон на уништување за секој кој има несреќа да се најде во него.
Дожд од стакло во силикатна бура
Како да не се доволни ветровите, небото на HD 189733b е познато по вознемирувачки временски феномен: дожд од стакло. Силикатните честички суспендирани во атмосферата кондензираат во ситни парчиња кои паѓаат од облаците, само за да бидат однесени на страна од суперсоничните ветрови. Според НАСА, ова го прави времето на планетата не само екстремно, туку и смртоносно, а „да се најдеш во дождот на оваа планета не е само непријатно; тоа е смрт од илјада сечила“, стои во едно од објаснувањата на агенцијата.
Честичките стакло, исфрлени со брзини од илјадници километри на час, би пробиле секоја површина, било вештачка или органска. Овој тип на падежи се смета за еден од најбизарните и најопасните временски феномени некогаш забележани, нагласувајќи колку всушност туѓи и непристапни се некои светови надвор од нашиот Сончев систем.















