Јадранското Море во 2024 година го прекри „морска слуз“: Научниците конечно го открија причинителот

Точка

23/01/2026

15:49

366

Големина на фонт

а а а

Хрватски научници открија што го предизвикало масовното појавување на морска слуз во северниот дел на Јадранското Море во текот на 2024 година, што во екот на туристичката сезона предизвика загриженост кај граѓаните и туристите, објавено е во научното списание „Scientific Reports“.

Истражувањето го спроведоа научници од Центарот за истражување на морето при Институтот „Руџер Бошковиќ“, во соработка со хрватската технолошка компанија „SeaCras“ и Универзитетот „Algebra Bernays“. Станува збор за настан на интензивно „цветање“ на морето и создавање слуз каков што на источниот брег на Јадранот не бил забележан повеќе од дваесет години.

Научниците утврдија дека појавата на морската слуз била директно поврзана со порастот на температурата на морето, намалената размена на водени маси и наглите падови на салинитетот, особено поради зголемениот доток на слатка вода од италијанската река По. Таквите услови погодувале силно „цветање“ на фитопланктонот, кој имал клучна улога во настанувањето и развојот на слузта.

Наталожувањата на морската слуз во 2024 година варирале од локални структури помали од 20 метри до поврзани маси подолги од 20 километри, се наведува во истражувањето.


Феномен кој излегува од класичниот надзор

Иако „цветањето“ на морето е природна и сезонска појава, научниците предупредуваат дека комбинацијата на климатски и океанографски фактори може да доведе до абнормални и подолготрајни настани. Таквите појави имаат силно влијание врз морскиот екосистем, но и врз туризмот, рибарството, поморскиот сообраќај и секојдневниот живот на крајбрежното население.

Резултатите покажале дека секоја фаза на појавата на слузта била поврзана со исклучително интензивно „цветање“ на фитопланктонот, при што се забележувала намалена разновидност на планктонските видови во самите наталожувања.


Посебната вредност на истражувањето лежи во комбинацијата на теренски мерења, океанографски пловечки сензори, проточно-цитометриски анализи и сателитски снимки со висока резолуција, кои ги анализирала компанијата „SeaCras“ со помош на вештачка интелигенција, пишува „Index“.

„Ова ниво на временска и просторна резолуција ни овозможи за првпат целосно да ги поврземе промените во условите на животната средина со однесувањето на планктонските заедници и настанувањето на морската слуз“, изјави Даниела Мариќ Фанкухен од Центарот за истражување на морето во Ровињ.

Научниците истакнуваат дека овие резултати се клучни за развој на системи за рано предупредување и приспособување кон идните последици од климатските промени, бидејќи масовната појава на морска слуз може да има сериозни економски и еколошки последици за крајбрежните заедници, се наведува во соопштението.