Меѓународен тим научници во Колумбија го открил најстариот познат патоген на сифилис во остатоци од човечко тело стари 5.500 години.
Меѓународниот тим научници, предводен од истражувачот Давиде Боци од Универзитетот во Лозана, реконструирал геном од потколеница на возрасна личност стара 5.500 години, чии остатоци биле пронајдени во планинскиот предел на регионот Сабана де Богота во централна Колумбија, пренесе угледното научно списание „Сајенс“, кое го издава Американската асоцијација за унапредување на науката.

Реконструираниот геном е приближно 3.000 години постар од најраните познати докази за патогенот на сифилис, со што се доведува во прашање претходната претпоставка дека патогенот на сифилис „Treponema pallidum“ потекнува од Стариот свет (Европа, Азија и Африка).
Ова откритие, исто така, ѝ противречи на теоријата дека бактеријата што предизвикува сифилис можела да се шири во човечката популација дури од времето на поинтензивно занимавање со земјоделство, поврзано со зголемување на густината на населението.
Наместо тоа, научниот тим на Боци дошол до сознание дека патогенот веќе циркулирал меѓу ловците-собирачи кои имале чести интеракции со диви животни.

Денес бактеријата „Treponema pallidum“ постои во три многу тесно поврзани подвидови, од кои секој може да предизвика различни форми на сифилис.
Тимот на Боци реконструирал приближно 75 отсто од геномот на новооткриениот патоген, кој се одвоил пред околу 13.700 години од микроорганизмот-предок од кој потекнуваат трите најпознати денешни подвидови на бактеријата што предизвикува сифилис, пренесе Танјуг.











