Вештачката интелигенција радикално ќе го промени пазарот на трудот, но некои работни места и професии ќе бидат повеќе загрозени од други.
Извршниот директор на „Palantir“, Алекс Карп, дипломирал и докторирал филозофија, а во 2003 година, заедно со Питер Тил, ја основал оваа компанија која се занимава со развој на софтвер за анализа на големи количини податоци, при што, секако, користи вештачка интелигенција. Тој беше гостин на Светскиот економски форум во Давос, каде што, меѓу другото, зборуваше за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот.
По неговите коментари, а станува збор за врвен експерт, се поставува прашањето колку воопшто има смисла да се студираат хуманистички науки, при што особено ја спомена – филозофијата. Вештачката интелигенција, нагласи тој, ќе ги уништи работните места во хуманистичките науки. На свој пример објасни дека се надева оти оние што завршиле елитни училишта и студирале филозофија имаат и некоја друга вештина, бидејќи своето знаење од филозофијата тешко ќе можат да го „продадат“.

Кога AI ќе ја преземе економијата …
Кога AI ќе ја преземе американската економија, што е процес кој веќе е во тек, лицата со дипломи од хуманистички науки тешко ќе го најдат своето место на таков нов пазар на труд. Како и некои други експерти пред него (како, на пример, Џенсен Хуанг), и Карп нагласи дека технологијата тешко ќе ги замени струковните техничари, кои ќе станат речиси незаменливи, бидејќи можат брзо да се преквалификуваат.
Таквиот тип работни места бара приспособување на терен, комбинира знаење, работа и искуство и тешко се автоматизира за кратко време, при што ги спомена професиите како техничари за батерии и за производство на други компоненти за технолошки компании. Таквите работни места ќе станат уште повредни, коментираше тој во Давос.

Карп се согласи со извршниот директор на „BlackRock“, Лари Финк, со кого разговараше во Давос, дека и пред појавата на вештачката интелигенција, со хуманистичко образование веќе било тешко да се најде работа, а во иднина тоа ќе биде уште потешко. За некои можеби и невозможно. Едноставно, таквото знаење денес е тешко да се поврзе со пазарот.
Секако, тешко дека некој ќе студира филозофија со желба да се збогати или да изгради некаква бизнис-кариера, но она за што зборува Карп е дека луѓето со такви дипломи ќе имаат огромни тешкотии да најдат работа на конкурентниот пазар на труд, на кој, барем кога станува збор за вакви интелектуални професии, како и канцелариски и административни работни места, главниот збор ќе го има вештачката интелигенција.










