Неодамна српски Телеграф пишуваше дека научниците откриле мистериозен облак од железо во форма на „шипка“ во Маглината Прстен, во соѕвездието Лира. Сепак, во моментов не постои единствена или потврдена теорија за тоа како настанал.
Експертите истакнуваат дека ништо слично досега не било видено во вселената, а постојат две теории за неговото потекло.
Научниците ја користат како „полигон“
Маглината Прстен, која во 1779 година во северното соѕвездие Лира прв ја забележал францускиот астроном Шарл Месије, претставува живописна гасна обвивка која ја исфрлила ѕвезда на крајот од фазата на согорување на нуклеарното гориво.
Поради тоа што е релативно блиску до Земјата, активна и емитува светлина, научниците често ја користат како „полигон“ за тестирање на нови телескопи и инструменти, пред да ги употребат за набљудување на подалечни космички објекти.
Истражувачите сметаат дека откриената „железна шипка“ можеби нуди увид во можната судбина на Земјата во далечната иднина. Во новата студија се наведува дека ваков „појас“ од јонизирани атоми на железо никогаш досега не бил забележан во некоја планетарна маглина, што го прави особено интригантен за астрономите.

Две водечки хипотези
Според една од водечките хипотези, „железната шипка“ се формирала за време на исфрлањето на надворешните слоеви на ѕвездата, во процес кој сè уште не е целосно разјаснет, пренесува „Daily Mail“.
Според другата, таа би можела да претставува последица од уништувањето на карпеста планета која некогаш кружела околу ѕвездата од која настанала Маглината Прстен. Ако таа планета била слична на Земјата, Венера или Марс, нејзиниот материјал за време на распаѓањето можел да се развлече и да се претвори во траг од железо што го гледаме денес.
Научниците објаснуваат дека количината на железо во оваа структура одговара на масата што би можела да се очекува доколку планета со големина на Земјата или Венера била целосно уништена. Помалите планети, како Меркур или Марс, би произвеле нешто помалку железо, додека поголемите би оставиле и повеќе материјал отколку што моментално е забележано.
Сепак, сè останува во доменот на претпоставка.

„Смртоносна зона“
Ѕвездите како Сонцето во поголемиот дел од својот живот се наоѓаат во стабилна фаза, но кога ќе им се потроши водородот, започнува нивната завршна трансформација. Сонцето за околу пет милијарди години ќе влезе во фазата на црвен џин, кога ќе се прошири огромно — дури до 1.000 пати во споредба со сегашната големина.
За време на тој процес, Земјата ќе се најде во „смртоносната зона“. Научниците проценуваат дека таа или целосно ќе испари поради екстремната топлина, или ќе биде распарчена од силните гравитациони сили и „проголтанa“ од Сонцето.
Истражувањата објавени во 2025 година дополнително ја поддржуваат оваа теорија, бидејќи покажуваат дека црвените џинови речиси воопшто немаат планети слични на Земјата на блиски орбити — веројатно затоа што тие веќе биле уништени.
Доколку се потврди дека „железната шипка“ во Маглината Прстен навистина е остаток од некогашната планета, таа би можела да претставува своеобразна „космичка најава на судбината“ што ја очекува и Земјата. Сепак, научниците предупредуваат дека за конечен заклучок се потребни уште докази, како и пронаоѓање слични структури во други маглини.













