Анри тврди дека Пеп ја променил филозофијата: Гвардиола направи нешто што беше недозволиво во Барселона!

Дерби

21/11/2025

10:52

271

Големина на фонт

а а а

Тјери Анри го поддржува Арсенал во обидот да стави крај на долгиот пост и конечно да ја освои титулата во Премиер лигата, па иако верува во тимот на Микел Артета, Французинот признава дека во последно време е сè поисплашен од Манчестер Сити.

После доста претрпени промени во тимот, Сити делува повторно разиграно и моќно на теренот, а тоа го покажа и на дерби пресметката со Ливерпул која се одигра пред репрезентативната пауза.

Според визијата на Анри, Гвардиола полека ги реди коцките и добива слика за тоа како треба да игра неговиот нов тим, но како што вели популарниот Тити, постои една голема промена од она на кое не навикна Шпанецот во изминатите години.

– Импресиониран сум од новата филозофија на Сити. Никогаш не помислив дека Гвардиола ќе им дозволи на своите крила да влезат внатрешно во теренот и да учествуваат во градењето на акцијата како што се случува сега. Никогаш не мислев дека Пеп ќе му дозволи на своето лево крило да оди на десната страна. Тоа беше недозволиво во Барселона, тоа беше недозволиво за Пеп во минатото, кај него секогаш се знаеше каде треба да бидете позиционирани.

– Сега гледаме ситуации кога две крила се на иста страна од теренот, а тоа посебно беше случај на дербито со Манчестер Јунајтед. Пеп пронајде нов начин и тоа е очигледно. Се уште ги бара своите стартни 11, но станува се поизвесно дека Доку е негов избор на лево крило, додека на десната позиција ги менува Шерки и Савињо.

– Сега гледаме дека и Фоуден се враќа во форма, а тоа ги менува работите за Сити. Се уште го чекаме и најдоброто издание на Родри, сè уште им недостасува тој во целиот костур, но Нико играше навистина добро против Ливерпул. Од друга страна, Пеп го доби и Нико О’Рајли, добива играч од кој се имаа големи очекувања, а во нападот има чудак како Халанд кој може да погоди и додека спие.

– Како фан на Арсенал, не сакате да имате таков тим блиску до вас, особено бидејќи станува збор за тим кој знае да победува. Не е добро што полека се враќаат во најдобра форма, тие сега изгледаат како тим кој може да влезе во серија. Пеп доби два нови асистенти и сега има промени во играта, а додека ги направи тие прилагодби, се надевав дека Арсенал ќе направи мала разлика. Се случи токму тоа, но јасно е дека ќе следи голема битка до крајот, – вели Анри.