Диего Симеоне остана задоволен од прикажаната игра на Атлетико и покрај поразот од 3:1 на дербито против Барселона, но во своето резиме за натпреварот, популарниот Чоло не пропушти и да подели пофалби за својот омилен фудбалер од противничкиот табор.
Рафиња и Педри направија клучна разлика на вчерашниот натпревар и само покажаа колку недостасуваа за Барса во последно време, но кога е во прашање Симеоне, тој посебно го цени и почитува бразилскиот фудбалер.
– Отсекогаш ми се допаѓал Рафиња. Тој може да игра се што ќе замислите на теренот, може да игра на било која позиција. Не само што работи за тимот, тој знае да дава и убави голови како денеска. Искрено, не знам како не ја освои „Златната топка“ оваа година. Тој беше мој прв избор, – изјави Симеоне.
– Севкупно гледано, јас сум задоволен од мојот тим. Ја прекинавме позитивната победничка серија, но си заминувам задоволен од работата на тимот. Се натпреварувавме во секој момент, игравме храбро и одлично, но Барселона е многу силен тим со квалитетни играчи и знае како да ви наштети. Овој натпревар ми носи многу позитивни работи за иднина, – додаде Аргентинецот, кој за крај застана во одбрана на својот сонародник Хулијан Алварез кој овојпат беше целосно дискретен и незабележителен.
– Хулијан игра на извонредно високо ниво откако ни се приклучи, но и тој е човек и може да има лош натпревар. Тоа може да му се случи на секого, не треба да се крева паника, – заврши Чоло.







