Арсенал четврта година во низа ќе води голема битка за титулата во Премиер лигата, а после три неуспешни обиди, сите се надеваат дека оваа сезона ќе биде среќна за избраниците на Микел Артета.
После добро одработениот летен преоден рок и значително подобрата ротација која ја доби на клупата, шпанскиот стручњак создаде тим кој многумина го гледаат како главен фаворит за титулата во англиската елита, па иако патот е долг и прерано е да се извлекуваат било какви заклучоци, самиот Артета е свесен дека на крајот ќе му се суди за исходот на крајот на сезоната, а не во месец декември.
Арсенал изгледа добро во пресрет на новиот предизвик со Брентфорд во Премиер лигата, но најавата за овој меч Артета ја искористи за да го потенцира значењето на еден играч кој често знае да биде потценет.
– За мене еден од најважните во тимот е нашиот голман. Раја на сите им покажа дека е неверојатен голман. Начинот на кој дојде тука е убава приказна за тоа како можат да се одвиваат работите во позитивна насока. Сакав да го доведам уште кога пристигнав во Арсенал, но мораше да чека две години за да се случи трансферот.
– Имаме извонредно патување откако е тука со нас и многу сум среќен што сметам на него. Тешко е да се каже дали тој е мое најдобро засилување, но дефинитивно е еден од оние играчи кои не однесоа на друго ниво. Тој е играч кој донесе нешто ново во нашиот стил на игра, – изјави Артета.
Раја најпрво пристигна во Арсенал како позајмен играч во сезоната 2023/24, па иако на почеток се доби впечаток дека ќе му биде резерва на Рамздејл, тој многу брзо ја доби довербата од Артета и оттогаш се претвори во незаменлив на голот на „топчиите“.







