Гимнастичарка ја малтретирала сопствената ќерка – испливаа морничави снимки: „Мама, не можам повеќе, ме боли“

Точка

18/11/2025

16:05

1.018

Големина на фонт

а а а

Две гимнастичарки поднесоа тешки обвиненија против 55-годишната Камелија Воинеа, која ја обвинуваат за физичко, психичко и вербално малтретирање. Во јавноста се појавија и видео-снимки на кои се гледа како ја злоставува сопствената ќерка.

Камелија беше дел од романската репрезентација која освои злато на Светското првенство во 1987 година. По завршувањето на кариерата, стана тренер – со исклучително агресивни методи. Со тек на време почнаа да се јавуваат жртви кои тврдат дека ги малтретирала со години. Романскиот портал "Golazo.ro" објави вознемирувачки снимки од нејзината ќерка Сабрина, снимени кога девојчето имало осум или девет години. Денес, Сабрина има 18 години и е успешна гимнастичарка – неодамна освои злато во вежба на партер на Светскиот куп во Париз.


Малтретирање на сопственото дете

На објавените видеа јасно се гледа како Камелија ја штипе и навредува својата ќерка и покрај тоа што девојчето ѝ кажува дека повеќе не може да издржи и дека е повредено. Порталот претходно објави сведоштва од поранешни гимнастичарки, кои инсистирале да останат анонимни поради страв од одмазда. Една девојка признала дека сакала да си го одземе животот, да скокне од мост; друга открила дека ѝ се гледало темето од главата бидејќи Камелија силно ја кубела за косата, која ѝ паѓала во прамени.

Снимките покажуваат како Камелија ја злоставува малата Сабрина во сала. Таа била облечена во краток фустан, несоодветен за тренинг, бидејќи од тренерите се бара спортска облека.

После неуспешно изведен елемент на разбој, Камелија ќерка си ја тера повторно да вежба, додека девојчето плаче. Кога се приближува, Сабрина се повлекува инстинктивно – како да се плаши дека ќе ја удри.


„Мама, не можам повеќе. Не можам! Повредена сум“ – плаче девојчето.

Камелија бара од неа да се врати на справата и повторно да ја изведе вежбата, додека очајната Сабрина моли да престане.

„Не можам повеќе, ме болат ребрата …“

Друг тренер се обидува да ѝ помогне, но Камелија продолжува да вика:

„Ајде, побрзо!“

„Оди по ѓаволите. Ајде!“

Сабрина повторно се обидува.

„Сакам, ама не можам“ – вели низ солзи.

Камелија целосно ги игнорира нејзините молби.

„Што да правам кога си глупава? Само продолжи, без разлика на сè.“

Девојчето паѓа од справата и плаче:

„Мама, не можам повеќе … повредена сум …“

Камелија и понатаму ја тера да продолжи.


„Оваа жена е чудовиште“

Поранешни гимнастичарки опишуваат години траума.

Една девојка признала:

„Се сеќавам дека размислував да скокнам од мост. Не знаев да пливам – ама барем ќе се спасев од сè.“

Друга раскажува за систематско тепање:

„Не тепаше со гумен камшик по рацете и нозете. Имавме осум, девет, десет години. Модринки насекаде. Се туширав сама за мама да не ги види. Се тресев, не спиев. Ни се закануваше дека ќе биде полошо ако кажеме некому.“


Друга жртва вели:

„Уживаше да гледа како страдаме. Чудовиште.“

Гимнастичарките откриваат дека и денес се плашат да зборуваат, бидејќи Камелија е блиска со Џоан Сучу, претседателот на Романската федерација за гимнастика.

„Таа е роднина на претседателот. Што може да направи Федерацијата? Но не губам надеж. Никој порано немал храброст да каже што му се случило. Можеби сега ќе се промени нешто.“

Оваа приказна фрла силно светло врз бруталноста, стравот и траумите кои со години останувале скриени зад светкавиот свет на елитната гимнастика – и врз систем кој ги штител тренерите, наместо децата.