Германија со доминантно издание ги реши диелмите околу директниот патник на Светското првенство од групата А, славејќи убедлива победа од 6:0 против директниот ривал за првото место.
Словачка настрада на гостувањето кај „панцирите“ кои вчера беа исклучително расположени за игра, а по натпреварот кој ќе остане во добро сеќавање и на јавноста, германските ѕвезди го истакнаа значењето на својот капитен.
Иако беше под знак прашалник за клучниот натпревар, Џошуа Кимих направи се што е во негова моќ да се најде на теренот, па како лидер на теренот инспирираше едно извонредно издание кое заврши со голеада и пласман на Светското првенство.
Кимих со својот карактер и менталитет влијае максимално позитивно врз соиграчите, а како капитен кој се грижи за целиот тим, често знае и да изненади со своите потези.
Најдобар доказ за тоа е изјавата која ја даде Ник Волтемаде, напаѓачот на Њукасл кој неодамна стана и стартна „деветка“ во националниот тим.
– Кимих е врвен фудбалер и апсолутен лидер на нашиот тим. Ќе ви кажам еден класичен пример за него. Тој ми пишува порака после секој гол кој го постигнувам за Њукасл. Тоа е мал доказ за тоа каков капитен е Кимих. Тој е многу добар капитен, но уште подобра личност, – открива Волтемаде.





