Велс и Македонија оваа вечер ќе ја одиграат клучната пресметка која носи подобра позиција во баражот за Светско првенство, дуел кој треба да одреди во кој шешир ќе заврши нашиот национален тим во пресрет на ждрепката која следи за мундијалскиот плејоф.
Македонската експедиција веќе втор ден е во Кардиф и ги прави завршните подготовки за натпреварот кој се игра вечерва, пресметка која има идентично значење за двете селекции.
Избраниците на Благоја Милевски се во подобра ситуација поради фактот што ни одат во прилог две од три варијатни на натпреварот, додека Велс мора да брка победа и три бода, бидејќи само така ќе заврши на второто место во групата.
Јавноста на Островот како проблем за Крег Белами го најавува отсуството на капитенот Итан Ампаду, но селекторот не го дели тоа мислење и посочи дека има доволно добри замени за да го пополни неговото неиграње.
– Ова нема да биде прв натпревар на кој нема да го имаме Ампаду. Ова е мојот 16-ти натпревар како селектор, а мислам дека јас можев да сметам на него само на 6 натпревари. Навикнати сме да го немаме Ампаду и сметам дека тоа нема да ни претставува проблем.
– Подобро е да го имаме, но не претставува проблем да играме без него. Имаме една или две добри замени за него во тимот. Можеби не станува збор за играчи со исти карактеристики, но за тип на меч како овој против Македонија, имаме доволно ресурси да одговориме позитивно.
– Сакам играчите да бидат флексибилни, во денешно време, играчите треба да се подготвени да играат на четири или пет позиции, треба да знаат што треба да прават кога се различно позиционирани на теренот, – изјави Белами.





