Тие имаат коса долга и до два метра, немаат седи влакна, а ако им се појават, тоа се случува дури откако ќе наполнат 80 години.
Ја шишаат косата само двапати во животот, а во нивниот свет, косата не е само коса, таа е многу повеќе од тоа: светиња, дел од нивната душа. Тие се припаднички на народот Црвените Јао, живеат во Кина, а нивната фризура, коса и ставот кон неа се вистинска сензација, како и рекорд во Гинисовата книга на рекорди, секако во категоријата најдолга коса во светот…
Црвените Јао се „огранок“ на народот Јао
Необичните припаднички на овој народ, кој ја заработил придавката „црвени“ во своето име затоа што нивната традиционална облека е полна со црвена боја и детали, а сето тоа затоа што веруваат дека црвената боја носи среќа и просперитет, живеат во Кина, а нивното „седиште“, би можеле да кажеме дека е селото Хуанглуо во покраината Гуангси Жуанг. Всушност, Црвените Јао се „огранок“ на народот Јао и официјално признато малцинство во Кина кое брои 2,6 милиони членови.
Косата како симбол на мудрост и живот
За жените од племето Црвените Јао, косата има неверојатно важно место во нивните животи. Таа е симбол на мудрост и живот: колку е подолга косата, толку е помудра и подолговечна жената, толку е поголема нејзината среќа и благосостојба. Косата, обичаите поврзани со неа и нејзината нега се неизбришлив дел од нивната традиција и култура.
Се шишаат два пати во текот на животот
Жените таму ја шишаат косата само двапати во животот. Првиот пат е кога се мали бебиња, кога ќе наполнат 100 дена. Вториот пат е кога ќе наполнат 18 години: тоа е знак дека повеќе не се девојчиња, туку станале возрасни жени. Церемонијата на шишање се одржува еднаш годишно, а косата исечена во „детството“ не се фрла, туку внимателно се чува и се користи во подоцнежната декорација и стилизирање на косата.
Црна и сјајна коса која никогаш не побелува
Нивната коса е навистина нешто посебно! Таа е неверојатно црна и сјајна и практично никогаш не побелува. Многумина веруваат дека клучот за таква прекрасна коса е нејзината грижа, вештина што се пренесува од генерација на генерација. Очигледно, клучот за успехот е двоен: ја чешлаат со дрвен чешел и ја мијат со оризова вода. Не користат никакви шампони или регенератори, оризот ја врши целата работа.
Косата внимателно ја чувале од погледи
Сепак, раскошот на нивната коса, понекогаш долга до два метра, некогаш бил строго чувана тајна. Само нивните сопрузи и деца можеле да ја видат целосно пуштена. Дури постоело и правило дека мажот што ќе ја види косата, дури иако бил странец, морал да остане во куќата на жената чија коса видел како нејзин сопруг во период од три години. Глетката на косата едноставно се сметала за премногу привлечна и исклучително интимна. Гореспоменатото правило било укинато дури кон крајот на 20 век: сега жените таму можат гордо да ја покажуваат својата коса.
Фризура што кажува сè
Фризурата што ја носат исто така кажува сè. Додека не се омажат, ја собираат косата и ја кријат со црвено-црн шал. По бракот, ја плетат во венец, во кој ја вткајуваат косата исечена на церемонијата со која влегле во светот на возрасните, како и косата што паднала при чешлањето, која внимателно ја собираат и ја чуваат. Ако жената е мажена и има деца, тогаш носи венец со пунџа во средината.
Жените доминираат над мажите
Косата не е единствената интересна работа поврзана со припадничките на племето Црвените Јао. Имено тие се доминантни над мажите, живеат во матријархално општество и како и нивните сопрузи, можат да имаат други партнери по бракот. Исто така по бракот, мажот се преселува во семејниот дом на неговата сопруга, децата го земаат презимето на мајката, а во случај на развод мажот не добива ништо.





















