Првата победничка на британскиот „Милионер“ откри што направила со освоените пари: „Да бев помлада, можеби ќе купев огромно 'Lamborghini'“

Точка

17/11/2025

15:00

1.471

Големина на фонт

а а а

Џудит Кепел, првата натпреварувачка која ја освоила главната награда во британската верзија на квизот „Кој сака да биде милионер“, откри што направила со освоените милион фунти, четвртина век по својата историска победа.

Во пресрет на 25-годишнината од триумфот што ѝ го променил животот, 83-годишната Кепел ја сподели својата приказна.

Упорниот пат до жешкото столче

Нејзиниот пат до победата бил одбележан со неверојатна упорност. По разводот од сопругот, оваа мајка на три деца од Фулам потрошила околу 100 фунти постојано ѕвонејќи на натпреварувачката линија за да го обезбеди своето место во квизот.


„Се сеќавам дека целев еден одреден ден и ѕвонев повторно и повторно“, се присетува Кепел. Нејзината решителност била толку голема што дури и од телекомуникациската компанија ја предупредиле на високите трошоци. „Од ‘BT’ ме повикаа и ме прашаа дали сум свесна дека телефонските сметки ми растат“.

Судбоносното прашање за милион фунти

Прашањето кое ѝ го донело милионот гласело: „Кој крал бил оженет со Елеонора Аквитанска?“. Одговорот го знаела благодарение на неверојатна случајност. „Само два месеци пред емисијата бев во Франција и ја посетив опатиската црква која беше целосно празна освен овие четири гробови“, раскажа таа. „Еден од нив беше гробот на Елеонора, а веднаш до неа беше нејзиниот сопруг, Хенри II. На некој начин беше прилично морничаво“, додала таа.

Паметна инвестиција наместо луксуз

Наместо да ги потроши парите на луксуз, Кепел донела мудра финансиска одлука и открила дека сè уште го поседува освоениот износ. „Сметав дека треба целосно да се инвестира и да носи приход“, рече таа. Ангажирала финансиски менаџер кој ги вложил парите во акции, обезбедувајќи ѝ солиден приход од дивиденди и камати.

„Да бев многу помлада, можеби ќе излезев и ќе купев огромно ‘Lamborghini’, но наместо тоа, го сметав за одличен пензиски фонд“, објасни таа. Победата ѝ донела и големо олеснување. „Не бев сосема без пари, но малку се грижев за финансиите, па почувствував огромно олеснување“.


Сепак, дел од парите искористила за да ја однесе ќерка си Роузи на патување во Индија за да видат тигри, а донирала и џип на добротворна организација за заштита на диви животни.

Интересно е што Џудит Кепел, инаку далечна роднина на кралицата Камила, и ден-денес е единствената жена што ја освоила главната награда во британскиот „Милионер“. Во емисијата се вратила во 2003 година во хуманитарен специјал, каде што со помош на фудбалерот Дејвид Симан освоила 32.000 фунти за добротворни цели.