[ФОТО/ВИДЕО] Ноемвриска традиција во Нирнберг: Стадо овци се прошета низ центарот на градот на пат кон зимските пасишта

Точка

17/11/2025

08:33

510

Големина на фонт

а а а

Стадо од околу 600 овци вчера продефилира низ центарот на Нирнберг во германската покраина Баварија на пат кон зимските пасишта.

Градските власти побарале од жителите да ги одржуваат улиците проодни за време на минување на стадото како и да ги држат кучињата подалеку од овците.

Љубопитните минувачи го снимале настанот со мобилни телефони додека околу 600 животни од стадото на овчарот Томас Гакштетер минувале низ градот, пренесе Радио Билефелд.


Овците биле на пат кон зимскиот сместувачки капацитет западно од Нирнберг, а во текот на летото ова, како и други стада, биле носени да пасат на градските зелени површини за да се одржи тревата уредна.

За време на патувањето од над 10 километри, овците поминале низ централниот плоштад Хауптмаркт.


Преселбата на овци во ноември долги години е традиција во Нирнберг.

Меѓутоа Нирнберг не е единствениот германски град каде што овците се користат за „косење трева“. Тие пасат и на одредени места во Берлин, Потсдам, Аугсбург, Улм и други градови.


„Со пасење во текот на летото, овците обезбедуваат високо ниво на биодиверзитет во многу биотопи во рамките на градските граници и затоа се важни за зачувување на биодиверзитетот“, соопштил градот Нирнберг.


Животните преферираат одредени треви како храна и ја обработуваат земјата со копита.


Одгледувањето овци во близина на градот е исто така особено привлечно за жителите.

„Затоа, пасењето овци во градот треба да се зачува и заштити“, соопшти градското собрание.