11.11: Денот кога е роден неповторливиот Достоевски – Ретко кој современ писател успеал да побегне од неговата сенка

Точка

11/11/2025

18:39

627

Големина на фонт

а а а

„Тајната на човековиот живот не е во тоа само да живее, туку во тоа зошто живее“, е една од мислите на рускиот писател, романописец, новелист и публицист Фјодор Михаилович Достоевски, кој е роден на денешен ден во 1821 година во Москва.

Тој бил син на лекар, припадник на пониското благородништво, кој бил убиен од сопствените кметови поради суровоста и понижувањето, додека мајка му починала уште додека тој бил дете. Идниот писател ја започнува и завршува воената инженерска наобразба во тогашниот Петербург, а денешниот Санкт Петербург, но рано одлучува дека ќе се посвети на книжевното занимање.


Во своите романи, Достоевски прв меѓу руските писатели прикажува урбана средина полна со тешка и мрачна трагичност која гуши сè околу себе. Преку трагањето по скриените побуди на човечките постапки, барајќи одговори на егзистенцијални прашања, но и на морални и филозофски прашања за човековото постоење, тој навлегува во душата и психата на човекот, носејќи психолошки портрети на своите ликови.

Меѓу раните влијанија, најважен е германскиот драматург и поет Фридрих Шилер, додека под влијание на Гогољ го пишува своето прво дело, краткиот епистоларен роман „Бедни луѓе“, кој со прикажувањето на страдањата и жарот на таканаречените мали луѓе го воодушевува најзначајниот руски критичар Висарион Белински и го лансира Достоевски во круговите на истакнатите руски писатели.

Од идејна гледна точка, Достоевски се формирал под влијание на социјалистите-утописти и бил член на кружоците на Белински, како и припадник на левото крило на т.н „петрашевци“ (во 1847 година почнал да ги посетува состаноците кај Петрашевски), т.е. дел од револуционерниот кружок на Н. А. Спешнев и Дуров. По илегалното читање на „Писмата на Белински до Гогољ“, Достоевски бил уапсен и затворен на 23 април 1849 година, под обвинение дека учествувал во револуционерните активности против царот Николај I. На 16 ноември истата година бил осуден на смрт поради делување против власта во склоп на интелектуалниот круг, т.н. „Петрашевски круг“, заедно со другите водечки членови на кружокот.


Писателот отслужува четири години затвор, а потоа четири години е принудно војник во тешки услови во заборавени краеви на азиската Русија. Таму ја запознава и својата прва сопруга, туберкулозна и хистерична вдовица, која подоцна му послужила како прототип за низа женски ликови во романите. По враќањето во Петербург, Достоевски го објавува „Записи од мртвиот дом“, полу-документарен опис на неговото ропство кој реалистично ги прикажува ситуациите во сибирското заточеништво. Но, неуредните и несреќни семејни околности, како и личната човечка драма, го доведуваат Достоевски во тешка ситуација која делумно го успорува неговото творештво.

Во 1864 година Достоевски ги објавува блескавите „Записи од подземјето“, еден од најинтензивните кратки романи воопшто, претходник на исповедните наративни дела на Ками, Крлежа, Рилке, Хамсун и Сартр.

Меѓу големите романи на Достоевски обично се вбројуваат „Злосторство и казна“, неговото технички најсовршено дело, за идеолошки мотивирано убиство со главниот лик Родион Раскољников, прототип на Ничевиот надчовек, скршен во нихилизмот и спасен од љубовта на проститутката, света Соња Мармеладова, како и „Идиот“, во кој Достоевски го дава ликот на „фаталната жена“ Настасја Филипова, но и последното, најобемното и најголемото дело, „Браќата Карамазови“.


Достоевски умира во 1881 година, изненадно, по крвавење предизвикано од епилептичен напад. Животот во последните години му бил уреден и може да се каже дека се ослободил од материјалната недостиг и неволји кои го следеле поголемиот дел од животот. Најголема предсмртна слава достигнал со знаменитиот говор на откривањето на споменикот на Пушкин, во кој го велича рускиот национален гениј. Намерата му била да го заврши и остатокот од „Браќата Карамазови“, но судбината го спречила во тоа.

Фјодор Достоевски припаѓа на најтесниот круг на светски врвни писатели, како Данте, Шекспир, Толстој, Сервантес и уште неколку автори. Неговото влијание врз светската книжевност е огромно, од Леонид Леонов до Херман Хесе, од Вилијам Фокнер до Франц Кафка. Ретко кој модерен писател избегнал да падне под неговата сенка, а многумина му ги должат и движењата на експресионизмот и егзистенцијализмот.