Адолф Хитлер планирал своите најинтимни тајни да ги однесе во гроб. По неговото самоубиство во берлинскиот бункер во април 1945 година, неговите најблиски соработници ги исполниле последните наредби: неговото тело морало да биде запалено со бензин за непријателот да не дојде до него.
Но, она што Фирерот не можел да го предвиди било откривањето на структурата на ДНК само осум години подоцна — и упорноста на тимот на професорот по форензичка генетика Тури Кинг и британскиот „Channel 4“, кои речиси осум децении подоцна го претставуваат дводелниот „ексклузивен светски“ документарец „Hitler’s DNA: Blueprint of a Dictator“, пренесуваат „The Telegraph“ и бројни светски медиуми.
Според британските извештаи, од ДНК-податоците можно е да се пресметаат полигенски скорови — односно да се проценат генетските маркери на една личност и да се споредат со голем примерок од популацијата, со цел да се утврди генетска предиспозиција за одредени состојби.
Највпечатливиот резултат
Истражувањето тврди дека Хитлер имал мутација во дел од својата ДНК што силно влијае на протеин клучен за развојот на половите органи.
Професорката Кинг, родена во Канада, признава дека во Велика Британија секогаш се соочувала со старата пропагандна потсмевачка фраза: „Хитлер има само еден тестис“.
Во 2015 година беше пронајден медицински картон од 1923 година во кој стои дека Хитлер имал неспуштен десен тестис. Новата ДНК-анализа дава дополнителна тежина на ова тврдење — мутацијата е поврзана со Калман синдром, нарушување што може да спречи нормално спуштање на еден или два тестиса.
Овој синдром, исто така, е поврзан со низок тестостерон, намалено либидо, а во некои случаи и со микропенис. Документарецот значаен дел посветува на опсесијата на Хитлер со неговата полу-внука, како и на дискусии околу „траги од сексуална активност“ — или нивно целосно отсуство — на неговите чаршафи.
Психопатски тенденции и генетска склоност
Друг резултат покажува дека Хитлер имал генетска предиспозиција за антисоцијално однесување, односно психопатски тенденции — рангиран меѓу највисоките 10% од популацијата.
Веќе многу години истражувачи се обидуваат да постават психијатриска дијагноза за Хитлер. Ирскиот психијатар Мајкл Фицџералд тврди дека пред дваесет години бил „апсолутно уверен дека Хитлер има цел спектар невроразвојни нарушувања“.
Хитлеровиот резултат за ADHD бил „над просекот“, исто како и резултатот за аутизам, тврди Фицџералд, кој се повикува на школски извештаи и други архивски документи.
Историчарот Кеј, автор на „Empire of Destruction: A History of Nazi Mass Murder“, додава:
„Трауматично е да се погледне неговото детство — изгубил четири од своите пет браќа и сестри и ги изгубил двата родители пред да наполни 18 години. Овие настани биле подеднакво пресудни за оформувањето на Хитлер како личност, како и неговата генетика.“

Спорните делови — и предупредувањата
Документарецот внесува и одредена доза на шпекулации, на што професорката Кинг е многу внимателна. Една таква теза се однесува на извесна Алојзија Фајт, наводно втора братучетка на Хитлер, која била испратена во гасната комора по дијагноза на шизофренија.
Нараторот коментира:
„Ова би можело да има импликации за разбирањето на менталната состојба на Хитлер, бидејќи шизофренијата често се јавува во семејства.“
Но, експертите предупредуваат: речиси секое семејно стебло може да открие далечен роднина со ментално заболување — што речиси ништо не значи за генетскиот ризик кај блиските роднини.









