Една девојка предизвика бурна расправа на социјалните мрежи откако откри дека го одбила свршеничкиот прстен од своето момче.
Како што тврди, проблемот не бил во цената на прстенот купен во „Walmart“, туку во фактот дека нејзиниот партнер не ѝ го купил прстенот што го посакувала, иако таа наводно му го нагласила тоа повеќепати. Нејзината објава на платформата „Threads“ поттикна лавина коментари за комуникацијата и трудот во врските, пренесуваат странските медиуми.
Јавна срамота наместо свршувачка
Корисничката на „Threads“, Присила (@prissyxoxo25), минатата недела сподели фотографии од прстенот и преписката со своето момче, во која му објаснува зошто рекла „не“. Во првата порака, нејзиното момче открива дека запросувањето било јавно и дека нејзиното одбивање го оставило „скршен“.

Присила му возвратила дека нејзината намера не била да го посрамоти. „Воопшто не станува збор за тоа да те посрамотам, туку за тоа дека ти не слушаш“, му напишала, додавајќи дека „повеќепати“ му објаснила каков прстен сака, а накитот вреден 898 долари (околу 775 евра) од „Walmart“ едноставно не бил тоа.
„Сепак потрошив 900 долари, без разлика од каде го купив прстенот“, се бранел тој. „Вложив толку труд во ова“. Но Присила не сметала дека вложил доволно труд во самиот избор, тврдејќи дека со тоа покажал дека „всушност не ја слуша“. Таа заклучила со пораката: „Сакам да се чувствувам избрана, а не само запросена“.
Расправа на мрежите: „Проблемот е подлабок од прстенот“
Иако цената на прстенот од речиси 900 долари не е безначајна, таа е далеку под просекот. Според анкетата што порталот „Bustle“ ја спроведе претходно овој месец, просечната цена на свршенички прстен во Америка изнесува 6988 долари (околу 6050 евра). Сепак, повеќето коментатори се согласија дека цената не била клучниот проблем, туку игнорирањето на нејзините желби од страна на партнерот.

Додека некои застанаа на страната на момчето, повеќето корисници ја разбраа поентата на Присила. Многумина споделија свои искуства – од едноставни прстени кои биле токму она што го посакувале, до уникатни парчиња накит кои покажувале вистински труд и внимание од партнерот.
Една корисничка се обиде проблемот да го „преведе“ на машки јазик:
„Дозволете ми да „преведам“ за мажите: вие сте страстен навивач на ‘Eagles’ и сè што сакате е дресот на Рандал Канингем за да го закачите во вашата ‘машка пештера’. Вашата девојка тоа го знае, затоа што ѝ покажавте кој дрес е и каде може да се купи“, напишала таа – а многумина се согласија со неа.
„Не станува збор за прстенот. Станува збор за тоа што таа ги искажува своите потреби, а тој ги отфрла. Тоа е подлабок проблем од еден прстен од ‘Walmart’. Јас сум на нејзина страна“, коментираше друга корисничка.










