Кога планирате патување во една од европските метрополи, добриот јавен превоз и едноставните пешачки рути се клучни за целокупното искуство.
Нова студија откри кој град нуди најдобри услови за истражување без автомобил, а победникот на изненадување на многумина е Атина. Хотелската компанија „Акор“ анализирала податоци за градовите низ целиот европски континент, земајќи предвид фактори како што се пешачките зони во центарот на градот, разновидноста и достапноста на јавниот превоз и близината до главните атракции, пишува „Дејли мејл“.
Атина е на врвот со речиси совршен резултат
Грчката престолнина го освои првото место со импресивен резултат од 99,75 од 100. Особено се истакнала со својата пешачка зона што го окружува Акропол, овозможувајќи им на туристите непречено да уживаат во историските знаменитости.

Атинските области како што се Плака, Монастираки и Псири се лесно достапни пеш, додека крајбрежјето и аеродромот се добро поврзани со трамвај и метро.
Интересни факти за Атина
Улична уметност и модерни квартови – Атина е полна со мурали, алтернативни галерии и подземни простори. Квартови како Кипсели и Панграти денес се вистински креативни центри со винтиџ продавници, модерни барови и коворкинг простори.

Мал остров среде метрополата – населбата Анафиотика, сместена под Акропол, изгледа како да сте отпатувале на Санторини – бели куќи, сини прозорци и тесни улички. Совршено за Инста-фотографии и кратко бегство од градскиот метеж.

Атинскиот фестивал на дигитални уметности (Athens Digital Arts Festival – ADAF) ги обединува VR инсталациите, интерактивните изложби и видео уметници од целиот свет.
Град и плажа во ист ден – Само 30 минути ве делат од центарот до морето. Атинската ривиера нуди кафулиња, барови на плажа и кристално море – идеално за комбинација од култура и релаксација.
300 сончеви денови годишно – Атина има повеќе од 300 сончеви денови годишно, што значи дека речиси секогаш е „време за тераса“. Идеално за долг бранч, улична храна и прошетка низ старите квартови.

Кафето како начин на живот – Грците го измислиле фрапето, а кафето е нивниот ритуал. Секоја улица има свое „ит“ кафуле – од минималистички ресторани до „руфтоп“ тераси со поглед на Акропол. Комбинација од античко и футуристичко. Во ист ден, можете да го разгледате Партенон, да испиете кафе под муралот посветен на Сократ и да работите од футуристички коворкинг простор. Атина живее во ритамот на старото што се среќава со новото.

Локален дизајн и винтиџ сцени – грчките брендови или концепт продавниците во центарот нудат локален дизајн, ракотворби и облека со карактер. Нема брза мода – само автентичност.
Ноќен живот со поглед – Атина е полна со „руфтоп“ барови со поглед на Акропол, но и неформални клубови со жива музика и диџеи.
Минхен и Лисабон следуваат по Атина
Минхен се најде на второто место со резултат од 97,7. Посетителите што пристигнуваат со авион лесно можат да стигнат до историскиот центар на градот со воз, а самиот центар е идеален за истражување пеш. Градот нуди и густа мрежа на трамваи и практични метро линии.

Лисабон се најде на третото место со резултат од 91,28, постигнувајќи неверојатни 100 отсто за разновидност на транспортот. Португалската престолнина нуди широк спектар на опции – од метро до фериботи што ги возат посетителите низ реката Тахо.
Изненадување од Бугарија и остатокот од листата
Главниот град на Бугарија, Софија, се најде на високото четврто место со 88,16 поени. Градот постигна 90 отсто за пристапност и удобност, а се издвојува со 24-часовен билет за превоз што чини само две евра.

Посетителите пеш можат да истражуваат многу од знаменитостите на градот, вклучувајќи го паркот Борисова Градина и катедралата Свети Александар Невски. Ист број поени (87,12) освоија Хамбург, Виена, Порто и Мадрид, додека Цирих се најде на деветтото место (81,8), а Лион го зазеде десетото место (79,38).
Најдобрите европски градови за одмор без автомобил:
1. Атина
2. Минхен
3. Лисабон
4. Софија
5. Хамбург
6. Виена
7. Порто
8. Мадрид
9. Цирих
10. Лион












