Намалувањето на фрлањето храна е еден од најефикасните начини за да се намали влијанието на домаќинствата врз животната средина — и истовремено да се заштедат пари. Еден од клучните чекори е правилното складирање на храната, но пластичните садови и амбалажи не се секогаш најдобриот избор. Експертите предупредуваат дека некои намирници треба да се чуваат на поинаков начин за да останат свежи подолго и да ја задржат својата природна вредност.
1. Топли јадења
Иако пластичната амбалажа е практична, нутриционистката Ники Кулман („EatingWell“) објаснува:
„Загревањето на пластиката може да предизвика нејзино распаѓање и ослободување на супстанции како што се BPA или фталати во храната.“
Овие соединенија можат да влијаат на хормоналната рамнотежа во телото, па Кулман препорачува користење садови од не’рѓосувачки челик или стакло, особено за топли јадења. Пластиката, пак, може да се користи само за ладни оброци како салати или сендвичи.

2. Фини сирења
Додека обичните сирења, како чедар или крем сирење, се безбедни во пластична амбалажа, фините сирења бараат посебни услови. Целосното затворање во пластика го спречува протокот на воздух и ја поттикнува влагата, што може да го промени вкусот и бојата на сирењето. Наместо тоа, препорачливо е користење специјална хартија за сирење или пергаментна хартија, со пластична кеса поставена лабаво одозгора.

3. Домати и други кисели намирници
Доматот и другите кисели производи, како сокот од лимон, можат да ја оштетат пластиката и да предизвикаат испуштање на штетни материи. „Ретко кога чувам кисела храна во пластика“, вели д-р Меган Мајер. Таа препорачува користење стаклени садови или не’рѓосувачки челик, бидејќи овие материјали не реагираат со киселините.

4. Кромид и лук
Овие намирници не треба да се затвораат во пластични кеси, бидејќи влагата предизвикува нивно побрзо расипување и ртење. Најдобро е да се чуваат на ладно, суво и темно место — во мрежести или хартиени кеси кои овозможуваат циркулација на воздухот.

5. Лиснат зеленчук
Затворените пластични пакувања не се најсоодветни за чување зелена салата, спанаќ или кељ по отворањето на пакувањето. „Завиткајте го лиснатиот зеленчук во чиста кујнска крпа и ставете го во затворен сад за да остане свеж подолго“, советува Кулман. Крпата ја апсорбира вишокот влага и го спречува венењето.

6. Свежи билки
Магдонос, коријандер и слични билки побрзо се расипуваат во пластични пакувања. Наместо тоа, треба да се третираат како цвеќе: стеблата малку се скратуваат, се ставаат во чаша со вода и се прекриваат со кеса. На тој начин, во фрижидер можат да траат и до две недели.







