Својот 63-ти роденден, Деми Мур го прослави во голем стил – на црвениот тепих. Славната актерка ја промовираше втората сезона на серијата „Landman“ во Њујорк.
Кога се појави пред киното на Менхетен, не само што го сопре сообраќајот, туку и здивот на сите присутни на овој гламурозен настан. Во тоа ѝ помогна нејзината грациозна чипкана креација, која направи да изгледа барем три децении помлада.
Или Деми Мур старее наназад, или навистина пронашла некаков еликсир на младоста. Добитничката на „Златен глобус“, за малку и на „Оскар“, вчеравечер во американската метропола блескаше во целата своја убавина и раскош. Имаше две големи причини за да блеска од секоја пора – премиерата на новата сезона на популарната серија и роденденот со реден број 63.

За гала-настанот во салата „Alice Tully Hall“ во комплексот „Lincoln Center“, Деми одбра импресивна „Gucci“ тоалета, изработена по специјална нарачка, точно според нејзините (совршени) мерки. Фустанот со длабоко деколте го искомбинирала со стилето чевли, по совет на нејзиниот стилист Бред Горески, а целокупниот изглед го заокружиле елегантната фризура и, секако, насмевката што ја прави препознатлива.
По премиерата, ѕвездата на вечерта ја очекуваше изненадување во блискиот ресторан „Midtown Steakhouse“. Првиот шок следувал кога пред неа се појавил Ерик Радерфорд, автор на поткастот „Not Just Pretty Pictures“, носејќи послужавник со 13 црвени колачиња украсени со свеќи. Потоа, пријателите и колегите ѝ ја запеале роденденската песна.

Сепак, ништо не ја разнежнило повеќе од честитките од нејзините деца. Кога најстарата ќерка Румер ѝ се јавила преку FaceTime, а на екранот се појавил ликот на нејзината двегодишна внука Луета, солзите почнале да капат.
Средната ќерка, Скаут, која Деми ја има со легендарниот Брус Вилис, на „Инстаграм“ напиша: „Не би те менувала за ништо на Земјата!“, а ниту најмладата ќерка не го заборавила важниот ден, додавајќи во својата објава дека нивната мајка е „најбожествената учителка на светот“.











