Македонскиот олимписки комитет (МОК) потпиша Меморандум за соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), поставувајќи нови основи за поврзување на спортот, дигиталната економија и родовата еднаквост во нашето општество. Меморандумот беше потпишан од страна на Нина Ангеловска Станков, Претседателка на АЕТМ и на Алијансата за родова еднаквост, и Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Оваа соработка претставува значаен чекор кон создавање мост меѓу е-трговијата, дигиталната трансформација и спортот, со заедничка визија за унапредување на спортските организации преку современи решенија за е-трговија и користење на дигитални алатки. Главните цели на соработката се насочени кон развивање заеднички активности и проекти за промоција на спортот и дигиталната економија како и поддршка на дигиталната трансформација и одржливоста на спортските организации.
„Со оваа иницијатива сакаме да покажеме дека спортот не е изолирана област—тој може и треба да биде дел од дигиталната економија, да користи иновации, и да промовира еднакви можности за сите,“ – истакна Даниел Димевски, Претседател на МОК.
Соработката предвидува размена на знаења и ресурси меѓу спортот и е-трговијата, со цел поттикнување на еднакви можности, инклузивност и женско лидерство како двигатели на иновации и напредок.
„Спортот и бизнисот имаат многу заедничко, и двата бараат дисциплина, истрајност, тимска работа и јасна стратегија. Во двата света успехот не доаѓа преку ноќ, туку преку континуирано учење, посветеност и работа. Денес, без дигитализација и без разбирање на можностите што ги носат технологијата и вештачката интелигенција, нема вистински напредок, без разлика во која индустрија работиме. Верувам дека заеднички ќе може да реализираме иницијативи и проекти кои ќе придонесат за унапредување на спортот, бизнисот и еднаквоста. Со оваа соработка верувам дека и ќе покажеме како преку дигитални алатки спортските организации можат да станат поиновативни и поодржливи.“ – изјави Нина Ангеловска Станков, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија и Алијансата за родоваеднаквост.
Меморандумот опфаќа развој на заеднички иницијативи за дигитална писменост, едукации и обуки, како и воспоставување интерактивни платформи за промоција на спортските активности и вредности. Дополнително, активностите ќе бидат насочени кон вклучување на младите во дигиталниот спортски екосистем и отворање можности за стартапи и претприемачи кои создаваат иновативни решенија за спорт и здрав живот.
„Нашата цел е да создадеме општество каде технологијата му служи на човекот–каде дигиталните решенија го поддржуваат здравјето, спортот и еднаквоста,“ – додаде Димевски.
Ова партнерство е пример како преку визија, иновации и заедничка работа може да се создаде поинклузивно, дигитално и праведно општество – каде спортот и е-трговијата одат рака под рака, поттикнувајќи економски и општествен развој. Како дел од оваа иницијатива, МОК најавува нови активности и кампањи насочени кон унапредување на дигиталните компетенции на спортските организации, промоција на родова еднаквост и зголемување на видливоста на жените во спортот и лидерството.













