Селекторот на Франција, Дидие Дешан, потврди дека ги напушта „Триколорите“ по Светското првенство во 2026 година, но сè уште не знае каде ќе ја продолжи кариерата потоа.
Дешан потврди дека разговарал со претставници на саудиски клуб за можна соработка откако ќе му истече договорот со француската репрезентација. Сепак, тој ги негираше гласините за можно враќање во Јувентус или преземање на бразилската репрезентација.
„Можеби имав некои контакти, не конкретно со нив (Бразил). Нема да зборувам за имиња, но тие ја знаат мојата ситуација“, рече Дешан.
Селекторот на Франција, исто така, нагласи дека неговата одлука да го напушти кормилото на „Триколорите“ на крајот од Светското првенство во 2026 година е конечна, без оглед на тоа каков резултат ќе постигнат Французите на Мундијалот.
Овој 57-годишен тренер ги предводи Французите од 2012 година. Под негово водство, „Триколорите“ станаа светски шампиони во 2018 година во Русија. Пред Франција, тој тренираше само три други клуба: Монако, Јувентус и Олимпик Марсеј и освои трофеи со секој од нив.
Како фудбалер, Дешан играше за Нант, Бордо, Олимпик Марсеј, Јувентус, Челзи и Валенсија. Тој освои 15 трофеи, вклучувајќи две Лиги на шампиони со Марсеј (1993) и Јувентус (1996)






