Првиот човек на Ферари им порача на Хамилтон и Леклер да возат, не да зборуваат

Макфакс

10/11/2025

20:55

501

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Ферари, Џон Елкан, ги нападна Луис Хамилтон и Шарл Леклер по Големата награда на Бразил, на која дуото на Ферари не успеа да ја заврши главната трка.

Тој им даде ист совет на двајцата во многу лоша сезона за Скудерија.

„Во Формула 1, од една страна, имаме механичари кои си ја завршија работата, и во квалификациите и во пит-лејнот. Инженерите го направија истото, а автомобилот покажа очигледни подобрувања. Останатите не ги исполнија очекувањата“, рече Елкан, додавајќи

„Луис и Шарл треба да се фокусираат на возењето и да зборуваат помалку. На Ферари му се потребни возачи кои помалку размислуваат за себе, а повеќе за тимот. Сè уште имаме неколку трки и не е невозможно да завршиме втори во конкуренцијата на конструктори“, додаде тој.

Ферари моментално е на четвртата позиција во шампионатот на конструктори во Формула 1, со 362 поени, четири помалку од Ред Бул и 36 од Мерцедес. Во пласманот на возачи, Леклер е петти со 214 поени, а Хамилтон е шести со 148.