Колената ѝ откажуваат, боледува од тешка болест и одвај се движи: Некогаш беше најбрзата жена на светот

Точка

11/11/2025

12:46

1.084

Големина на фонт

а а а

Некогашната американска спринтерка Марион Џонс, која на Олимписките игри во Сиднеј во 2000. година испиша историја, денес живее една од најтешките животни драми.

Марион Џонс (50), поранешна атлетичарка и една од најбрзите жени во светот, неодамна објави видео кое ги шокираше нејзините следбеници на "Instagram".

На снимката се гледа како со очигледен напор, држејќи се за ограда, се спушта по скали.

„Колената ми висат на конец, пријатели … но сè уште стојам“, се слуша нејзиниот глас.

Во описот додала: „Секогаш е ’Дали ти си Марион Џонс?! Беше најбрзата жена на светот!‘, а никогаш ’Како ти се колената?‘“

Оваа објава е болен потсетник на нејзината сегашна реалност.

Причината за нејзините маки е невромиелитис оптика (NMO) – ретка автоимуна болест дијагностицирана во 2020 година, која го напаѓа централниот нервен систем и кај неа предизвика привремена парализа и тешки последици врз движењето.

За да ја држи болеста под контрола, Џонс прима инфузии на секои две недели.

„Пред само неколку години не можев ни да одам“, откри таа, нагласувајќи ја длабочината на својата борба.

Од олимписка слава до животна борба

А некогаш – таа буквално леташе по патеката.

На Олимписките игри во Сиднеј во 2000. година, Марион Џонс беше на врвот на светот.

Стана првата жена во историјата која на едни Игри освоила пет атлетски медали – три златни и две бронзени.

Нејзината насмевка и неверојатна брзина ја претворија во глобална спортска икона со мултимилионски спонзорски договори.

Но бајката брзо се претвори во ноќна мора.


Години беше во центарот на сомнежи поради поврзаност со лабораторијата "BALCO" – епицентарот на допинг-скандалите во тоа време.

Иако упорно негираше дека користела забранети супстанции, во октомври 2007 година се скрши и во солзи призна дека лажела пред федералните истражители за употреба на стероиди.

Последиците беа разорни: Меѓународниот олимписки комитет ѝ ги одзеде сите пет медали, а судот ја осуди на шест месеци затвор поради лажно сведочење.


Пад, покајание и повторно подигање

По издржувањето на казната во 2008 година, Џонс се обиде да започне одново.

Кратко време се врати на кошарката во "WNBA" лигата, а денес работи како мотивациски говорник.

И покрај тешката болест, нејзиниот борбен дух не е скршен.

Минатиот октомври, таа учествуваше на маратонот во Чикаго, не за да победи, туку да докаже упорност.


„Да бидам таму, да ги претставувам луѓето во инвалидски колички — тоа за мене беше победа“, изјави таа.

Нејзиниот профил на "Instagram" најдобро ја отсликува нејзината животна филозофија:

„Сè уште трчам. Сè уште се подигам. Сè уште сум непоколеблива.“

Приказната на Марион Џонс останува вечен потсетник на тенката линија меѓу славата и срамот, но уште повеќе – на неверојатната сила на човечкиот дух, кој и кога телото попушта, одбива да се предаде.