[ФОТО] Во оваа држава толку многу ги почитуваат кучињата што им посветиле и весел фестивал: Ги капат, ги украсуваат со цветни венци и ги честат со вкусна храна

Точка

13/10/2025

18:39

341

Големина на фонт

а а а

Понекогаш е тешко на луѓето кои никогаш немале домашно милениче да им се објасни огромната љубов што ја чувствуваме кон нашите најдобри пријатели.

Меѓутоа, во една далечна земја, секоја година се организира неверојатен фестивал кој е целосно посветен на кучињата. Се работи за Кукур Тихар, познат и како Нарак Чатурдаши, хиндуистички фестивал кој традиционално се слави во Непал во периодот околу октомври или ноември. Тогаш, кучињата се украсуваат со тилак и носат цветни венци околу вратот, a верниците, покрај класичната храна за кучиња, им нудат и сочно месо, млеко и јајца, а секое несоодветно однесување кон кучињата се смета за грев.


Објаснувањето за овој фестивал го нуди древниот хиндуистички еп „Махабхарата“

Уникатниот фестивал Кукур Тихар покрај во Непал, непалската дијаспора го слави и ширум светот. Истиот трае пет дена и е втор по големина во оваа азиска земја, веднаш по Дашаин, а за важноста на фестивалот доволно кажува фактот дека кучето по име Кушал, кое помогнало во откривањето на убиецот на десетгодишно девојче во 2018 година било прогласено за Куче на годината од страна на непалската полиција.

Но од каде доаѓа таквата наклонетост и љубов кон кучињата? Во древниот хиндуистички еп „Махабхарата“, неговите пет Пандави (патроним што се однесува на петте легендарни браќа, по име Јудиштира, Бима, Арџуна, Накула и Сахадева) се придружувани од куче на нивниот пат кон рајот. Додека се искачуваат на Хималаите, сите освен Јудиштира и неговото куче умираат на патот.


Милиони верници ширум Непал ги почитуваат кучињата за да му удоволат на Јами, богот на смртта

Единствениот преживеан брат во рајот бил пречекан од Индра, кралот на боговите и господар на небесата, кој му кажува дека мора да го остави своето куче. Јудиштира одбива и се враќа на земјата. Но, неговото куче исчезнува и е заменето со Јама, богот на смртта. Импресиониран од неговите постапки, Индра конечно одлучува да ги отвори портите на рајот за лојалниот и непоколеблив Јудиштира.


Во хиндуистичката митологија, богот на смртта Јама има две кучиња, Шјама и Шарвара, кои ги чуваат портите на пеколот. Непалските хиндуси веруваат дека со обожавање на кучињата што ги придружуваат на нивното последно патување, тие почнуваат позитивно да гледаат на смртта. За време на фестивалот, луѓето ги обожаваат кучињата и демонстрираат почит кон нив за да му удоволат на Јама, богот на смртта, чии гласници се кучињата, за кои се верува дека ќе ги штитат од ужасните маки на пеколот.

Се верува дека кучиња најпрво биле припитомени во Непал и Монголија

За време на Кукур Тихар, кучињата се капат и се украсуваат со тилак (религиозен или духовен белег што Хиндусите обично го ставаат на челата за да ја покажат својата припадност кон одредена секта, но може да се користи и како декорација, за религиозни церемонии или како поздрав). Тилак се прави од куркума или гулал прав со ориз и јогурт. Исто така за време на фестивалот се искажува почит и кон полициските кучиња и кучињата скитници. Сè на сè, Кукур Тихар го слави посебниот однос помеѓу кучињата и луѓето.


Но дали знаевте дека кучињата најпрво биле припитомени во Непал и Монголија? Денес, фестивалот Кукур Тихар се слави и во САД, Мексико и Австралија, а во 2008 година, здружението „Asian Art in London“ го прослави со добротворен настан што вклучуваше прошетка со кучиња.


За разлика од Фестивалот на кучешко месо во Кина кој предизвика глобален бес, Кукур Тихар е опишан како магичен настан што ја враќа вербата во човештвото. Во едно интервју од 2016 година, претседателот на „Анимал Непал“ ги повика непалците да ги сакаат и негуваат своите миленици секој ден од годината. „Ослободете ги од синџирите и пуштете ги да излезат од кафезите, научете да комуницирате со нив, водете ги на прошетки и почитувајте ги нивните чувства“, рече тој тогаш.