Кога сонувате за посреќна иднина, најчесто се замислувате задоволни со она што го имате – можеби во нов дом или уживајќи во луксузен животен стил. Но она по што навистина копнеете не е богатството само по себе, туку чувството на задоволство што тоа го носи. Сите го бараме токму тој внатрешен мир, но проблемот настанува кога реалноста не ги исполнува нашите очекувања – бидејќи, штом добиеме нешто ново, веднаш почнуваме да посакуваме нешто следно.
Во истражувањето за својата книга „The Psychology of Money: The Art of Spending – Simple Choices for a Happier Life“, авторот Морган Хаусел доаѓа до фасцинантни сознанија за тоа зошто трката по „повеќе“ често нè прави помалку среќни, пишува „CNBC“.
Во обичното се крие убавината
Францускиот писател Марсел Пруст (Marcel Proust) еднаш раскажал приказна за млад човек опседнат со животот на богатите и моќните. Пруст му препорачал да го насочи своето внимание кон делата на сликарот Жан Симеон Шарден, познат по сликите кои го прикажуваат секојдневието – храна, животни и природни сцени.
Поентата била јасна – да научи да го цени она што веќе го има пред себе, наместо да копнее по недостижен животен сон.
„Кога ќе поминеш низ кујната, кажи си: ова е интересно, ова е величествено, ова е убаво како кај Шарден“, напишал Пруст. Тоа е лекција за благодарност – да се фокусираме на она што го имаме, наместо на она што ни недостасува.
Најсреќните луѓе се оние што се задоволни
Најсреќните луѓе не се нужно најбогатите, најздравите или најуспешните. Тоа се оние што стигнале до точка во животот кога можат да кажат:
„Задоволен сум со тоа што го имам и со тоа кој сум.“
Некои од нив живеат материјално, трошат многу пари, но авторот се потсетува на својата свекрва – жена која поминала три децении во пензија со многу малку средства, живеејќи од скромна пензија.
Технички гледано, живеела на работ на сиромаштија, но била совршено среќна во својот мал двор, читајќи книги од библиотеката. Имала малку – и сакала уште помалку. Била една од најсреќните личности што може да се сретнат.
Желбата за она што го немате ја нагласува несреќата
Повеќето луѓе имаат хиерархија на потрошувачка што влијае на нивното чувство на среќа:
• Ако нешто не сакате и го немате – не размислувате за тоа.
• Ако нешто сакате и го имате – се чувствувате добро.
• Ако нешто сакате, а сè уште го немате – тоа ве мотивира.
• Но, ако нешто сакате, а не можете да го имате, тоа ве излудува.
Колку побрзо ќе можете да погледнете околу себе и да си кажете „ова е доволно“, без оглед на приходите, толку побрзо ќе сфатите дека сте биле богати цело време.
Ниските очекувања создаваат психолошко богатство
Авторот вели дека запознал неколку милијардери – но ниту еден не бил среќен како неговата свекрва. Причината е едноставна: нејзините ниски очекувања ѝ донеле вистинско чувство на задоволство, што станало огромен извор на психолошко богатство – нешто што им недостасува дури и на најбогатите луѓе во светот.
Психолошкото богатство е клучен концепт – а кога станува збор за парите, тоа произлегува од правилно поставени очекувања.
Среќата е разликата меѓу очекувањата и реалноста
Личноста што има сè, но сака уште повеќе, се чувствува посиромашно од онаа што има малку, но не посакува ништо друго. Ова не е повик на живот во лишување.
Можете да имате голема куќа, скап автомобил и да патувате низ светот, а сепак да бидете задоволни – ако умеете да го цените тоа што го имате, без постојана потреба за „повеќе“.
Клучот е едноставен:
Среќата е состојба во која ништо не ви недостасува – без разлика на тоа каков животен стил водите.