Европската унија доби 39 нови милијардери оваа година, а вкупното богатство на милијардерите во земјите-членки се зголеми за повеќе од 400 милијарди евра, според новиот извештај на невладината организација Оксфам.
Ова значи дека во ЕУ се раѓа нов милијардер во просек на секои девет дена и дека нивното вкупно богатство се зголемило за повеќе од две милијарди евра секој ден во првата половина од оваа година.
ЕУ има 487 милијардери, чие вкупно богатство се зголемило за 405 милијарди евра, достигнувајќи 2,3 илјади милијарди евра на крајот на јуни.
Најбогатите 3.600 Европејци поседуваат богатство колку и најсиромашните 181 милион, што е еквивалентно на населението на Германија, Италија и Шпанија заедно, според извештајот, во кој се истакнува дека даночните политики низ целиот континент им помогнале на супербогатите да го задржат и зголемат своето богатство.
„Го поврзавме со даночниот систем, бидејќи ова не е случајност. Оваа нееднаквост во богатството е поврзана со политички избори – а особено со неправедниот даночен систем“, рече авторката на извештајот Кјара Путатуро за Политико.
Според неа, даночниот систем во ЕУ е дизајниран на таков начин што најголемиот дел се собира од обичните граѓани – осум од секои 10 евра даночни приходи биле платени од обичните граѓани преку данок на промет и данок на доход.
Девет проценти од вкупните даночни приходи во земјите од ЕУ ги плаќаат компаниите, а само 0,4 проценти доаѓаат од данок на богатство.
Во соопштението на Оксфам се наведува дека платите се оданочуваат со повисока стапка во просек, додека инвестициите и холдинг компаниите се оданочуваат со пониски стапки, што ги прави богатите уште побогати.
Оксфам истакнува дека 10 земји од ЕУ немаат данок на наследство и дека само една членка, Шпанија, има данок на нето богатство.
„Ова значи дека супербогатите често плаќаат многу пониска ефективна даночна стапка на нивниот приход и богатство од обичните луѓе“, се вели во соопштението.
Оксфам, исто така, укажува дека поголемиот дел од новото богатство оди во приватни џебови, а не во јавни буџети и дека европските влади станале релативно посиромашни.
Додека во 1990-тите владите поседувале околу 10 проценти од вкупното богатство, сега тој е само шест проценти.
Доколку владите го задржале тој удел, според проценката на Оксфам, земјите од ЕУ ќе имале дополнителни 3,6 илјади милијарди евра во 2023 година за инвестирање во јавни услуги, училишта и болници.
Извештајот на Оксфам „Европска агенда за оданочување на супербогатите“ беше објавен пред состанокот на европските министри за финансии, каде што ќе разговараат за начините за финансирање на буџетот на ЕУ.
Оксфам наведува дека Европската комисија треба да направи план за оданочување на богатите поединци преку зголемување на транспарентноста преку европскиот регистар на имот.
Комисијата, исто така, треба да се обиде да воспостави заеднички стандарди за даноци на капитална добивка, на пример колку би платило едно лице кога продава акции.