„Виновни сме“ – Путин првпат призна дека Русија е одговорна за страшното уривање на авионот

Точка

09/10/2025

20:31

2.531

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин денес му пренел на својот азербејџански колега Илхам Алиев детали за несреќата со патничкиот авион на „Azerbaijan Airlines“.

Путин изјавил дека страничниот дел на авионот најверојатно бил погоден од фрагменти кои настанале при соборување на украински дронови, пренесува „РИА Новости“.

Тој нагласил дека пред два дена бил информиран за причините за падот на азербејџанскиот авион, кои денес ги споделил со Алиев на состанокот во главниот град на Таџикистан, Душанбе.

Според информациите на „РИА Новости“, причините за трагедијата се поврзани, меѓу другото, со фактот дека во моментот на несреќата на небото се наоѓале три украински дрона кои ја преминале границата и биле цел на руската противвоздушна одбрана.

Двете ракети што ги истрелал рускиот противвоздушен систем не го погодиле директно авионот на „Azerbaijan Airlines“, но експлодирале неколку метри од него, при што страничниот дел бил погоден од фрагментите на експлозијата.

Пилотите одбиле да слетаат во Махачкала

Путин навел дека екипажот на авионот бил замолен да слета на аеродромот во Махачкала, но тие одлучиле да продолжат кон својот матичен аеродром.

Рускиот претседател му порачал на Алиев дека Русија ќе спроведе правна проценка за постапките на сите службени лица поврзани со падот на авионот, како и дека Москва ќе преземе сите неопходни мерки за надомест на штетата.

Извинување и сочувство од Кремљ

Путин го потсетил Алиев дека веќе се извинил за трагедијата што се случила на небото над Русија и изразил длабоко сочувство до семејствата на загинатите патници и членови на екипажот.

Патничкиот авион на „Azerbaijan Airlines“, кој летал од Баку кон Грозни, скршнал од курсот и се срушил на 25 декември минатата година при обид да слета во близина на градот Актау во Казахстан, откако го прелетал Каспиското Море.