Израел и Хамас се согласија за првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, договор за прекин на огнот и заложници што би можел да го отвори патот за крај на крвавата двегодишна војна на Блискиот Исток.
Само еден ден по втората годишнина од нападот на милитантите на Хамас, со кој започна разорниот израелски напад врз Газа, индиректните разговори во Египет резултираа со договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп за воспоставување мир во палестинската енклава.
Меѓутоа Хамас побарал ослободување на Марван Баргути како дел од преговорите со Израел за список на палестински затвореници што треба да се ослободат во замена за заложниците што сè уште се наоѓаат во Појасот Газа, според извештаите на египетските медиуми.
Исто така на списокот покрај Баргути се наоѓаат и Ахмад Саадат, Хасан Саламех и Абас ал-Сајед, тврдат египетските медиуми.
Кој е Баргути?
Поранешниот функционер на Фатах, Марван Баргути, бил уапсен од израелските власти во 2002 година и осуден во 2004 година на пет доживотни затворски казни за убиства поврзани со неговата улога во Втората интифада (2000-2005). Според неговите поддржувачи, мотивите за неговото гонење биле политички мотивирани.
Помеѓу април и мај 2017 година, додека тој предводел голем штрајк со глад на затворениците, израелската затворска служба објави видео за кое тврдеше дека го покажува Баргути како тајно јаде во својата ќелија. Неговите поддржувачи го окарактеризираа видеото како лажно.
Тој често се нарекува „палестински Мандела“, делумно поради неговиот долг период на затворање, неговата изразена преференција за мирен отпор, но и затоа што останува еден од најпопуларните лидери на палестинската политичка сцена. 66-годишникот ужива почит и од секуларните Палестинци и од исламистичките лидери – со многу од нив развил пријателски односи во затвор.
Неговото ослободување е постојано барање на Хамас во повремените преговори.
„Најважниот затвореник во светот“
Во статија од јули 2024 година, „Економист“ го нарече Баргути „најважниот затвореник во светот“, Палестинец чие ослободување би можело да ја промени динамиката на конфликтот, но и повоената Палестина.
Се вели дека тој течно зборува хебрејски, додека неколку израелски политичари го сметаат за пријател. „Единствениот лидер кој верува во решение со две држави и би бил избран наспроти кој било друг кандидат е Марван Баргути“ пред неколку месеци изјавил Ами Ајалон, поранешен шеф на Шин Бет, израелската служба за внатрешна безбедност. „Во наш интерес е тој да учествува на следните палестински избори – колку побрзо толку подобро“, истакнал тој.
Сепак, не сите Израелци го делат неговото мислење. Според некои, 66-годишникот не бил и не е заинтересиран за мир. „Баргути е подеднакво лош како Хамас“, рече еден пензиониран шеф на разузнавањето. „Тој не се променил во затвор. Тој станал поекстремен“. Некои, пак, се повикуваат на случајот на Јахја Синвар, лидерот на военото крило на Хамас, кој бил ослободен во 2011 година како дел од размена на затвореници, а потоа станал организатор на настанот од 7 октомври.
Како што забележува д-р Леони Флајсман, експерт за конфликти на Блискиот Исток на Универзитетот „City St George’s“ во Лондон, „силите што се на власт го сакаат во затвор“. Според неа, раководството на Палестинската самоуправа постојано се спротивставувало на неговото ослободување како дел од размената на затвореници. Додека Нетанјаху рекол дека „нарекувањето на затворениот лидер на Фатах, Марван Баргути, палестински лидер и пратеник е исто како да го наречете поранешниот претседател на Сирија, Башар ал-Асад, педијатар“.
Што понатаму?
Можноста за ослободување на Баргути, или во замена за заложници или како дел од политички договор, го поставува неизбежното прашање што ќе се случува понатаму.
Всушност, тешко е да се каже со сигурност во што верува Баргути денес и какви се неговите амбиции. Неговото последно интервју е објавено пред речиси 20 години.
На неговата последна фотографија, од август, за време на посетата на израелскиот министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир на затворите со максимална безбедност во централен Израел, Баргути воопшто не наликува на човекот од старите фотографии, барем по изглед.
Според „Економист“, анкета објавена во март 2024 година од палестинскиот истражувач Калил Шикаки покажала дека, доколку се одржат избори, тој би добил повеќе гласови од вкупните гласовите на неговите двајца главни противници, Махмуд Абас од Фатах и Исмаил Ханије од Хамас (забелешка: тој беше жив за време на спроведувањето на анкетата, а беше убиен во Техеран во јули 2024 година).
Сепак, како што објави израелскиот Канал 14, за време на состанокот одржан доцна во неделата навечер во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно му гарантирал на Бен Гвир дека Баргути не е вклучен во никаква можна размена на затвореници според договорот за Газа.